УГД: Тимот на Правниот факултет го освои второто место на PreMoot натпреварот во Ниш – ММС
ММС

Објавено на: 09/28/20 2:14 PM

УГД: Тимот на Правниот факултет го освои второто место на PreMoot натпреварот во Ниш

Тимот на Правниот факултет при УГД Штип го освои второто место на PreMoot натпреварот во Ниш, за познавање на праксата на Европскиот суд за човекови права и Европската конвенција за човекови права. Натпреварот кој има регионален карактер е во организација на Правниот факултет во Ниш и клубот Јустиција.

Натпреварувачите на Правниот факуптет во Штип по четири победи во низа во саботата се пласираа во финалето токму со клубот Јустиција, познат како  европски победник во вакви натпреварувања.

По неколку часовните натпревари, победи клубот Јустиција со само еден поен разлика во натпреварот со тимот на Правниот факултет.

Натпреварувачите од тимот на Правниот факултет, Елена Паризова, Благој Милев, Елена Трајковска, Ангела Димеска, Вероника Газепова и Јована Михаилова, коишто покажаа одлични познавања на материјата, поготвеност за тимска „игра“ и умешност во одговарањето на прашањата,  добија и пофалби од еминентни практичари и теоретичари од Република Србија, коишто беа во улога на судии.

Вероника Газепова беше прогласена за најдобар говорник од натпреварите во неделата, а вакви признанија од саботниот натпревар добија и останатите членови од тимот Елена Паризова, Елена Трајкова и Ангела Димеска.

Академски тренери на тимот и на клубот A fortiori од Правниот факултет беа  проф. д-р Дејан Маролов, доцент д-р Елена Максимова и асс.м-р Наташа Донева.

 

Во услови на пандемијата организаторот  го реализираше натпреварот со хибриден модел  на учество (on line и физичко присуство) на сите тимови од Македонија, Србија и Босна и Херцеговина.