Шампиони на Истокот за првпат по шест години и големо финале со Лос Анџелес Лејкерс во неверојатната НБА сезона 2019/20, закажаа момците на Ерик Сполстра синоќа во „баблот“ на Флорида.
Проектот на великанот Пет Рајли, се чини дека порано од очекувањата се отелотвори во кошаркарска пракса. Младиот и исклучително разнолик и во два правци полетен тим на тренерот со кого Леброн Џејмс освои два НБА прстени, не му дозволи на најтрофејната франшиза во историјата да се избори за „мајсторка“. Мајами Хит го совлада Бостон со 125:113 во натпреварот број шест во финалната серија на источната конференција и си чекираше билет за финалето против Лејкерс.
Ол-стар центарот на Мајами, Бем Адебајо, по бледото издание во натпреварот број пет вчера се искупи и постигна 32 поени, 14 скокови и пет асистенции за 39 минути поминати на паркетот. Овој скор за него претставува највисок во кариерата во плејофот.
Херојот од натпреварот број четири, Тајлер Хиро, брилијираше уште еднаш со 19 поени, а Андре Игудала и Данкан Робинсон имаа по 15. Искусниот ветеран кој по шести рекорден пат ќе игра НБА финале, беше факторот изненадување за Бред Стивенс, а недостатокот на квалитетен центар во Бостон остави простор за разигрување на поранешниот шампион со екипата на Голден Стејт Вориорс.
За поразените, Џајлен Браун забележа 26 поени, Татум два помалку, но асистираше дури 11 пати. Кемба Вокер и Маркус смарт влегоа во статистиката со по 20 поени.
Мајами Хит е единствената екипа во НБА која во последните 15 години се појавува шестпати во финалето во НБА.
-Ние никогаш не знаеме кој ќе биде наш најдобар стрелец во било кој меч. Имаме феноменални кошаркари кои не се плашат од големиот момент. Многу е забавно да се игра со нив. Нереално е, полн сум со оемоции. Среќен сум, го чекав овој момент долго, 11-12 години и конечно сум тука. Сите заслуги одат кај овие момци затоа што веруваа во тоа, среќен сум што сум дел од овој огромен момент, изјави словенечкиот репрезентативец и легенда на кошарката на овие простори, Горан Драгиќ.
Мајами ќе го брка против Лејкерс својот четврти трофеј во историјата, додека пак „езерџиите“ ќе го бркаат седумнаесеттиот пехар во нивната богата историја.