Како Зелен фронт на граѓани, планинари, мештани на шарпланинските села, еко-активисти, љубители на планината, со денешниот собир сакавме да го искажеме нашиот одлучно НЕ против малите хидроцентрали на Шар Планина
-Малите ХЕЦ прават неповратна еколошка штета, а корист имаат само поединци, кои, користејќи ја поврзаноста со државните и финансиските институции, се обидуваат да профитираат уништувајќи ја природата. Со нив се уништува живиот свет во реката и нејзината околина, се нагрдува природната средина и се загрозува водоснабдувањето на многу градски и селски населби во шарскиот и полошкиот регион, изјави Дејан Донев
Оттаму побараа итно презеемање на сериозни чекори од владата за спас на Лешница и на останатите предели од Шарпланинскиот масив
-Поради ова, ние, како граѓани, загрижени за судбината на шарските реки, бараме од Владата итно да ја запре изградбата на малите хидроцентрали и да се преоценат издадените дозволи и концесии за нивна изградба врз база на реални проценки на нивното влијание врз животната средина. Сметаме дека е ова уште поважно со оглед дека е во тек завршната фаза од прогласувањето на Шар планина за национален парк,изјави
И планинарите на неколку планинарски спортски клубови од Скопје и Тетово го изразија својот револт од почетокот на изградбата на мала хидроцентрала во ова познато излетничко место во срцето на Шара. Преку транспаренти на кои пишуваше Спас за Лешница, преку повици: „Запрете ја хидро-мафијата” и „Не го уништувајте срцето на Шара” како и преку видео обраќање побараа од надлежните државни институции итно да ја запрат изградбата на овој објект, кој, велат, трајно ќе ја уништи реката Пена. Планинарите потоа на самото градилиште на хидроцентралата на Лешница симболично формираа две вкрстени линии кои треба симболично да го прешкртаат овој градежен зафат, кој, според нив, го уништува најубавото место на Шар планина.
Зоран Димовски