Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од ЕУ и НАТО – ММС
ММС

Објавено на: 06/30/18 6:10 PM

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од ЕУ и НАТО

Опозицијата го поддржува евроатлантскиот пат на Република Македонија. Од самото нејзино формирање како политичка субјект ВМРО-ДПМНЕ е на таа траекторија и нема отстапување од таа траекторија, изјави денеска лидерот на оваа партија Христијан Мицкоски додавајќи дека нема да застане рамо до рамо со, како што рече оние, кои потпишаа капитулација.

„Ќе го повторам нашиот став дека опозицијата цврсто чекори кон патот на евроатлантските интеграции на Република Македонија, но доколку некој очекува од опозицијата да застане рамо до рамо со овие кои што ја потпишаа оваа капитулација, тогаш во најмала рака е премногу претенциозно да се очекува такво нешто од страна на опозицијата“, рече Мицкоски. Тој му одговори на вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, кој денеска побара од опозицијата да каже на која страна е во овие историски моменти.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека на опозицијата и е јасно оти евроатлантска иднина за Република Македонија нема бидејќи реформите по ниту еден основ не се почнати веќе 13 месеци. Македонија, како што кажа, е цврсто закована на дното по сите економски параметри во Европа, а јавноста и меѓународната заедница „гледа како премиерот бара мито од повеќе 100-тици илјади евра“.

„Најмалку што треба сите оние министри кои што се занимаваат со евро-атлантските интегративни процеси на Република Македонија поради ова фијаско што го направија на дипломатски план да си поднесат од морален чин оставка веднаш“, рече Мицкоски, кој денеска присуствуваше на Петата светска средба на децата бегалци од Егејска Македонија.