По неуспешните обиди за доведување во своите редови на централниот дефанзивец на Наполи, Калиду Кулибали и младиот играч од одбраната на Севиља, Жуле Куанде, Пеп Гвардиола вниманието го сврти во Португалија, поточно во тимот на Бенфика.
Талентираниот дефанзивец и португалски репрезентативец, Рубен Диас, според еминентниот новинар на „Скај Италија“, Фабрицио Романо, во моментов преговара со Манчестер Сити и би можел веќе од следната недела да се пресели на „Етихад“.
Во понудата од 55 милиони евра, вице-шампионите на Англија го вклучуваат и Никола Отаменди. Разговорите за овој трансфер се во тек и челниците на Сити силно притискаат во надеж дека сезоната 2020/21 ќе ја продолжат со Лапорт, Аке и Диас на позициите кои изминатите години претставуваа сериозен проблем во напаѓачката машинерија на шпанскиот стратег.
Повратникот на кормилото на Бенфика, Жорге Жезус, кратко искоментира за потенцијалниот трансфер на Диас во Англија. Според него, Диас е важен фудбалер во тимот, но доколку пристигне соодветна понуда од некого, подготвен е да разговара и да ја слушне истата.