Во финалето на Уефа Супер Купот, екипата на Баерн Минхен и освојувач на Лигата на Шампионите го совлада победникот на Европа Лига, Севиља, со 2:1 по продолженијата на мечот.
Во регуларниот дел, резултатот беше изедначен 1:1, a голот на човекот кој е на заминување според шпанските и германските медиуми, Хави Мартинез, им донесе нов трофеј на Баварците пред преселбата во Атлетик Билбао.
Севиља многу рано во средбата отвори со погодок, откако Лукас Окампос од белата точка во 13-тата минута го совлада Мануел Ноер. Фаулот на Алаба над Ракитиќ во шеснаесетникот беше веднаш санкциониран од Ентони Тејлор.
Баерн напаѓаше, имаше иницијатива и конечно преку Леон Горецка израмни на 1:1. Севиља успешно оддолеваше на нападите на Германците и избори двапати по 15 минути.
Шансата на натпреварот дефинитивно беше во рацете на замената Јусуф Ел-Несири, кога во еден на еден ситуација со Мануел Ноер ја промаши рамката на голот во втората минута од продолжението. Кога се промашуваат такви прилики на голема сцена, непишаното правило стапува на сила.
Долгата акција на екипата на Ханси Флик во 104-тата минута резултираше со победнички погодок, Хави Мартинез беше највисок во скокот.
Баерн Минхен доживеа ренесанса од почетокот на оваа година и доведувањето на новиот тренер на тренерското столче. Ханси Флик освои титула во Бундесот, титула во Купот на Германија, титула во Лигата на Шампионите и како потврда за сработеното, го освои вчера и Супер Купот на Уефа.
На вчерашниот двобој на Будимпешта, за првпат присуствуваа фанови и приближно 20.000 луѓе беа сведоци на европски натпревар на трибините.