Сушата го намали водостојот на браната Калиманци – ММС
ММС

Објавено на: 09/25/20 2:40 PM

Сушата го намали водостојот на браната Калиманци

Се поголемата суша го намали водостојот на езерото Калиманци на енормно ниско ниво.

Според експертите, нискиот водостој на брана Калиманци се должи на зголеменото наводнување на површините во општините од регионот, поради што нивото во браната во моментот е под просекот.

– Моменталните колични вода во браната Калиманци се насочени за извршување на наводнителната сезона за површините под ориз кои се застапени на 2500 хектари во атарите на општините од регионот. Исто така, освен за наводнување, водата од акумулацијата Калиманци се користи и за производство на електрична енергија која се трансформира преку изградената мала хидроцентрала со инсталирана моќ од 13,8 мегавати, велат експертите.

Тие очекуваат хидролошката слика во Eзерото да се подобри во есенските месеци.

– Вообичаено браната се полни во есенските и зимските месеци. Тоа се разбира, ќе зависи од многу фактори меѓу кои сигурно влијаат и врнежите, независно дали се работи за дожд или снег, што значи дека временските услови играaт улога во зголемувањето на водостојот на реката, посочуваат експертите.

Слична е ситуацијата и со количините на вода во делчевскиот регион каде нивото на вода во река Брегалница е ниско. Жителите истакнуваат дека поради сушата во дел од населените места се јавува недостиг на вода, што ги принудува мештаните да користат вода од алтернативни извори на вода.