Коронавирусот повторно го стави на пауза ракометот во Македонија – ММС
ММС

Објавено на: 09/25/20 12:39 PM

Коронавирусот повторно го стави на пауза ракометот во Македонија

Ракометната федерација на Македонија денес и официјално ја суспендираше најдобрата машка лига, по појавата на нови случаи на Ковид-19 и во клубовите од групата Б во Суперлигата. Во моментот првенството ќе биде на пауза и не се знае кога ќе продолжи регуларниот дел.

Позитивните тесови во Групата Б каде што игра Работнички, како и големиот број случаи од Групата А во екипите на КЛ7, Охрид, Струга и Радовиш, ја доведоа федерацијата до свршен чин и до донесување на единствената рационална одлука во овој момент.

Екипите кои пријавија позитивни случаи со Ковид-19, колективно 15 денови се на изолација, а истата судбина ќе ја поделат и екипите од Групата Б и ќе се изолираат во следните 15 денови.

-Согласно добиените информации од учесниците во домашно првенство во систем на натпревари во машка Супер Лига (Група Б) сезона 2020/2021 година, за следење на здравствената состојба на играчите и на стручниот штаб, по сугестија од надлежните Државни органи, како и согласно општите превентивни мерки за спречување и ширење на Ковид-19 и протоколите кои произлегуваат од планот за намалување на рестриктивните мерки за спречување и ширење на Ковид-19, Ве информираме дека системот на натпреварување од Група Б во која се натпреваруваат: РК Бутел, РК Металург, РК Работнички, РК Младост 1977, РК Прилеп, РК Еурофарм Пелистер 2 и ГРК Тиквеш 2014 е ставен во мирување 15 дена, стоеше во соопштението на федерацијата.

Од таму ги замолија сите спортски субјекти да ја следат здравствената состојба на сите учесници за наведениот период.

Федерацијата по одминувањето на периодот од 15 дена ќе организира повторен скрининг за продолжување на системот на натпревари во Група Б во Супер машка лига за сезона 2020/21 година.