Зголемениот број инфицирани од коронавирусот во последните две недели во гевгелиско за епидемиологот Сашо Олумчев од Подрачната единица на Центарот за јавно здравје во Гевгелија е очекуван со оглед на големиот број граѓани кои се вратија од годишни одмори, има собирање на младите по дворовите, се одржуваат забави и концерти.
– Последните денови се поголем е бројот на инфицирани лица од младата популација, а тие го импортираат вирусот на постарите кога се враќаат дома, па се надевам дека симптомите што се јавуваат сега ќе влијаат врз нив да го сменат однесувањето и да ги почитуваат и применуваат заштитните мерки, истакна д-р Олумчев.
Посочи дека вирусот сега покажува поголема агресивност, бидејќи поголем број од заболените се млади, а кога вирусот поминува низ здрав организам, вели, во самоодбрана почнувал да јакне.
– Моментно кај нас се лекуваат 25 заболени лица од коронавирусот кои имаат сериозни проблеми и апелирам да се сфати сериозно и фактот дека сите потешки здравствени проблеми кај нив се развиле во текот на еден до два дена, вели Олумчев.
Очекува во следните две недели натамошно зголемување на заболените поради сезонските работи во земјоделието каде има работници и од други општини со непроверен имунолошки статус. Тој верува дека Општата болница во Гевгелија е подготвена да го пречека есенскиот бран, но очекува и граѓаните со своето однесување да помогнат да се добие битката со вирусот.
– До овој момент имаме одлични резултати во лекувањето на коронавирусот, а имаме излекувано и два тешки случаи на бронхопневмонија предизвикана од Ковид-19, рече Олумчев.
mia