САСА треба да плати глоба 50.000 евра, одговорното лице 15.000 евра,треба да се исчисти и Каменичка река од јаловината – ММС
ММС

Објавено на: 09/25/20 12:28 PM

САСА треба да плати глоба 50.000 евра, одговорното лице 15.000 евра,треба да се исчисти и Каменичка река од јаловината

Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека по постигната спогодба Рудникот „Саса“ е казнет со 50.000 евра, а одговорното лице дополнително е казнето со 15.000 евра откако пред 10-тина дена јаловишни води од рудникот истекле во Каменичка река во Македонска Каменица.

Според поднесениот прекршок на инспекциските служби, највисоката казна која можеше да ја добие рудникот беше 100.000 евра.

Покрај паричната казна Рудникот „Саса“ во склучената спогодба со Државниот инспекторат за животна средина е задолжено да спроведе и дополнителни девет мерки:

1)      Да ги исчисти деловите од речното корито на река Каменица од јаловишен материјал и истиот да го однесе на депонијата за јаловиште со која располага рудникот, врз основа на претходно обезбедена согласност, дозвола од МЖСПП,

2)      Да се изврши интервентно чистење на талогот на јаловината од бунарската зона на Каменица со цел да се спречи понатамошно загадување на подземните води со кои се снабдуваат бунарите за водоснабдување на дел од населението од општина Македонска Каменица, а потоа да се продолжи со чистење на речното корито на реката,

3)      Да го исчисти зафатот од талогот на мала хидроелектрана која е под јаловиште бр. 4 со цел ставање во функција на зафатот на вода за производство на електрична енергија,

4)      Да го стабилизира објектот јаловишна брана бр.4 и однесениот материјал јаловишен песок да го замени со соодветен материјал со исти или повисоки јакосни карактеристики. Санацијата на јаловишната брана да биде според техничко решение изработено од Рудник САСА на основа на документација обезбедена согласно закон,

5)      Да се отстрани геосинтетичката облога во делот на конктактите каде потпира хидројаловипшната брана бр.4 за да не дојде до недозволена контактна филтарација,

6)      Да се предвидат дополнителни мерки за оперирање со хидројаловиштето пред се зголемување на должината на плажата од јаловишна кал со кое ќе се минимизира можноста од повторна контактна филтрација,

7)      Да се предвиди времено решение доколку има испуштање на заматена вода низ преливен колектор поради сигурност на браната при што заматената вода да биде задржана во постоен резервоар и со пумпна станица да биде вратена во технолошкиот процес

8)      Да се постапи согласно член 198 од Законот за води т.е. според препораките од Годишниот извештај за анализа и стабилност на брани изработен со елаборат за анализа и стабилност на брана за 2019 г, кој треба да биде одобрен согласно член 195 од Законот за води.

Инцидентот во кој беше загадена Каменичка река се случи на 14 септември, каде поради дефект на насипот на јаловиштето број 4 на Рудникот „Саса“, истекле јаловишни води во локалниот речен тек.