Синоќа околу 20.00 часот на стариот пат село Извор – Прилеп, атар на село Степанци, група на граѓани кои вршеле безправна сеча на огревни дрва ја нападнале полициската патрола од пет полициски службеници од Полициското одделение – Чашка.
Како што информира Верољуб Додевски, портпарол на СВР Велес, досега се приведени четири лица.
-Се работи на расчистување на случајот,информира Додевски
Повикот за Итна помош во Здравн дом Велес синоќа е регистриран во 19: 53 часот, потврди портпаролката д-р Васе Панова Поп Стефанова. Тогаш кон Степанци, во придружба на полициска екипа од Велес, тргнале и медицинските лица.
Тие на лице место ги затекнале потешко повредените полицајци во лоша здравствена состојба. Првиот имал отворена повреда на главата, бил конфузен и вознемирен додека вториот поради удар со дрвена палка во стомак при транспортот кон Општа болница Велес му се влошила состојбата.
Полицајците се примени на Хирушко одделение во Општа болница Велес. Прегледани се од д-р Влатко Вишинов специјалист по хирушки болести кој поради оперативен зафат во моментов не успеавме да го контактираме за да даде подетални информации за здравствената состојба во која се наоѓаат повредените полициски службеници.