Пецас: Не постои никаков проблем околу ратификацијата на трите договори со Северна Македонија – ММС
ММС

Објавено на: 09/24/20 1:45 PM

Пецас: Не постои никаков проблем околу ратификацијата на трите договори со Северна Македонија

Не постои никакво прашање околу ратификацијата на договорите со Северна Македонија, изјави портпаролот на грчката, Влада Стелиос Пецас, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, во однос на натписите во дел од медиумите во Грција, но и на објавата на портпаролот на СИРИЗА на социјалните мрежи, дека Нова демократија, не може да најде пратеник кој би бил известувач во Парламентот за трите билатерални договори со нашата земја.

Пецас објасни дека Нова демократија „како опозиција направи сѐ што можеме за да го спречи” Договорот од Преспа, но сега кога Грција, во односите со Турција се повикува на меѓународото право, не може да не го зема предвид меѓународниот договор со Северна Македонија.

– Повторивме за време на ратификацијата и секако предупредивме дека ако еден меѓународен договор се ратификува, не може да се смени. Денес, сите сфаќаат дека кога ние како темел го имаме меѓународното право за да се соочиме со турската провокација, не можеме оваа наша обврка да ја исполнуваме „a la carte” и да велиме дека се повикуваме на меѓународното право во врска со Турција, а да не го земаме предвид во врска со Северна Македонија. Според тоа, договорите одаат напред, не постои никакво такво прашање и секако сакам да истакнам дека еден од овие се однесува на контролата на ФИР на Северна Македонија од грчкото Воздухопловство. Според тоа, не постои некакво прашање, истакна Пецас, одговарајќи на прашањето на МИА.

На друго новинарско прашање во однос на информациите дека поранешниот грчки премиер од редовите на Нова демократија, Андонис Самарас рекол дека ќе биде отсутен за да го избегне гласањето, Пецас објасни дека со оглед на тоа дека сѐ уште не е одреден датум за ратификацијата на конкретните договори, не може да се каже кој ќе биде присутен.

– Кога ќе се одреди (датум), ќе видите дека не постои никаков проблем, порача Пецас.

Дел од медиумите во Грција, особено оние кои што се блиски до СИРИЗА, објавија дека со оглед на тоа што Нова демократија како опозиција беше против Договорот од Преспа, постои незадоволство кај дел пратениците од владејачката партија и не може да се најде известувач, кој би ги презентирал договорите, прво на надлежната Комисија за национална безбедност и надворешни прашања, а потоа и на седница во Парламентот.

Целиот случај, преку социјалните мрежи вчера го коментираше и портпаролот на СИРИЗА Насос Илиопулос.

– СИРИЗА со чувство на одговорост, изјавува дека е подготвена, на Нова демократија да ѝ отстапи известувач, со цел да запре омаловажувањето на парламентарниот процес, господинот Мицотакис да даде уште една битка за Северна Македонија и да се ратификуваат билатералните договори со нашата соседна земја. Во демократијата не постојат ќор-сокаци, напиша Илиопулос на социјалните мрежи.

Како што во понеделникот објави МИА, во грчкиот Парламент веќе се доставени предлог-законите за Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, за Меморандумот за формирање на Координативен комитет за економска соработка и за Техничката спогодба за надгледување на ФИР Скопје, кои беа потпишани за време на првата меѓувладина седница одржана во април 2019 година во Скопје и еден од Министерството за одбрана, потпишан пет месеци подоцна, а сега, треба да бидат ратификувани од пратениците, откако прво ќе добијат зелено светло од надлежната комисија.