Легендарниот југословенски ракометар, Златко Портнер, почина на 59 годишна возраст во Швајцарија.
Еден од најголемите ракометари на овие простори кој во ’80-те го водеше главниот збор во ракометна Европа со екипата од Шабац, Металопластика, кариерата ја започнува во Хртковци, а потоа на посериозно ниво преминува во РК Црвенка.
Успонот и етаблирањето во ракометот, Портнер го доживува во Металопластика. Тој пристигнува во Шабац во 1982 година и во следните седум сезони го носи дресот на последователниот европски шампион. Златната генерација на југослевенскиот клупски и репрезентативен ракомет, кулминацијата ја достигнува во 1985 и 1986 година, кога Порнтер и неговите соиграчи Миле Исаковиќ, Веселин Вуковиќ, Веселин Вујовиќ и Мирко Башиќ го освојуваат европскиот Куп на Шампионите.
Како член на репрезентацијата на Југославија, Портнер го освојува златото на Светското првенство во 1986 година во Швајцарија и бронзата на Олимписките игри во Сеул во 1988 година.
Клупската кариера после Металопластика, Портнер ја продолжува во Барселона, а по завршувањето на професионалната играчка кариера се истакнува и како тренер во Швајцарија.