Проектите за стимулирање на диверзитетот, за креирање на едно општество врз темелите на меѓусебно почитување меѓу различните култури и за правилно едуцирање на младите во духот на прогресот се приоритетите што ги помага Амбасадата на Велика Британија во земјава.
Токму, во рамки на активностите на проектот „Зајакнување на отпорноста против насилниот екстремизам” реализиран под раководство на организацијата „Centre for Common Ground” се одржа и денешната средба меѓу градоначалникот на Општина Кичево, Фатмир Дехари и aмбасадорката на Велика Британија, Рејчел Галовеј.
Амбасадорката изјави дека Велика Британија секогаш ќе го помага прогресивниот развој на општините во земјава.
– Ќе посетам неколку училишта во Кичево, манастирот „Света пречиста Богородица”, и ако ми остане време, ќе го посетам и самиот град Кичево, рече амбасадорката Галовеј по средбата.
За градоначалникот Дехари, важно е што проектот ги опфаќа основните училишта во општината бидејќи едуцирањето на новите генерации ќе го оневозможи влијанието на било каква девијатна појава, ќе го поттикне нивното дружење и почит еден кон друг.
– Во Кичево имаме многу добри меѓунационални односи и верска толеранција. Ќе продолжиме и во иднина како општина во тој дух да работиме, потенцираше Дехари.
Галовеј и Дехари ги посетија основните училишта „Кузман Јосифовски- Питу” во градот и училиштето „Реџ Рушит Зајази” во село Зајас, како и манастирот „Света пречиста Богородица” кај Кичево.