Откажана конференцијата “Ковид 19 – неформален партнер” – Угостителите во пресрет на вториот бран“ – ММС
ММС

Објавено на: 09/23/20 9:37 AM

Откажана конференцијата “Ковид 19 – неформален партнер” – Угостителите во пресрет на вториот бран“

Одложена е за денеска и утре закажаната регионална хибридна конференција “КОВИД-19 – НЕФОРМАЛЕН ПАРТНЕР” – Угостителите во пресрет на вториот бран” во организација на Независната угостителска комора (НУК). Нејзиното одржување е предвидено за март или април наредната година, информира Здравко Јосифовски, претседател на НУК.

Според него, иницијатива на НУК за изработка на предлози препораки за работа на угостителската индустрија на национално ниво што произлезе од одржаната национална конференција “Дебатен форум | НА ИСТА СТРАНА” на 10 септември во Скопје, во хотел Хилтон, во изминатите недели предвреме во целост ги исполни потребите и задачите кои беа зададени за цели на регионалната конференција, поради што нејзиното одржувањето во моментов станува суштински непотребна.

-Независната угостителска комора подготовката на унифицираните препораки за регионалната конференција ги направи и финализира со одржаната национална конференција “Дебатен форум | НА ИСТА СТРАНА” која беше одржана на 10 септември во Скопје, во хотел Хилтон. Врз основ на заклучоците и предлозите од одржаните панел дискусии од Националната конференција, работните групи на НУК комплетираа предлог унифицирани препораки за работа на угостителската индустрија. Овие препораки заедно со предлог мерките за подршка на угостителската индустрија се доставени до сите надлежните институции. Независната угостителска комора е во очекување Владата на РСМ заедно со локалната самоуправа наскоро да ги спроведе во целост. На тој начин нашата држава ќе стане креатор и иницијатор за прилагодување и воведување на унифицираните препораки и мерки во регионот, посочи Јосифовски.

Среќни сме и горди, додаде, што нашата иницијатива за унифицирање на препораки за туризмот и угостителската дејност даде и предвремени резултати и потикна дел од нашите и регионалните државници и државни институции да оддржат разни видео конференции со колегите од регионот. Од нив посебно ќе ја истакнеме конференцијата на нашиот министер за здравство Венко Филипче на тема унифицирање на граничните протоколи кои очекуваме и наскоро истите да бидат применети.

-Целта и задачата на конференцијата беше споделување на регионални искуства и преземени и планирани активности за превенција и спречување на ширење на вирусот Ковид-19 во пресрет на т.н. втор бран. Бенефитот што требаше да произлезе од конференцијата е унифицирање на регионални препораки и протоколи за работа на угостителската индустрија. Со оглед дека нашата иницијатива за изработка на предлози препораки за работа на угостителската индустрија на национално ниво во изминатите недели предвреме во целост ги исполни потребите и задачите кои беа зададени за цели на регионалната конференција, одржувањето на истата во моментов станува суштински непотребна од наша страна, потенцира Јосифовски.

Нашата регионална кампања #ДржиДистанца #ЖивототМораДаПродолжи, додаде, останува и понатаму наша цел и стратегија со која сакаме да укажеме и докажеме дека доколку сите заедно работиме на подигање на #ЈавнаСвест за превенција во заштита на #ЈавноЗдравје веруваме дека угостителската индустрија ќе помине со минимални последици.