Кавадарчанец без да знае бил впишан како основач на селска задруга, сега со години не може да се избрише – ММС
ММС

Објавено на: 09/23/20 7:52 AM

Кавадарчанец без да знае бил впишан како основач на селска задруга, сега со години не може да се избрише

Кавадарчанец без да знае и без да одобри бил впишан како член и еден од основачите на селска задруга од пријателка, сега не може да се избрише. Низ ваква повеќегодишна драма поминува Петар Трајков од кавадаречкото село Сопот.

МИА дојде до правосилната пресуда на кавадаречкиот Суд од првата половина на 2018 година, со која неговото тужбено барање се уважува и се поништува како незаконит неговиот упис како еден од основачите на земјоделско сточарска задруга во кавадаречко село. Тој ја тужел задругата, затоа што без да знае, бил запишан како еден од основачите на задругата.

Неговото запишување всушност го извршила пријателка која имала достапност до неговите податоци и лична карта, бидејќи порано биле поврзани поради работата. Таа всушност била и мајка на лицето овластено за застапување на задругата, како и еден од основачите на задругата, формирана на крајот од 2014 година.

На судската расправа не дошол претставник на тужената задруга, а преку писмен поднесок известување, го известил Судот дека тужениот во целост го признава тужбеното барање на тужителот и е согласен тужителот да биде избришан од листата на основачи на задругата. Во доказната постапка, Судот утврдил дека против кавадарчанката која го впишала Трајков како дел од основачите на задругата, во кавадаречкиот Суд била водена кривична постапка на почетокот од 2017 година и била донесена пресуда, со која била огласена за виновна за кривично дело фалсификување на исправа.

Имено, според таа пресуда, таа без знаење и дозвола од Трајков, го пријавила како еден од основачите на задругата и го потпишала од негово име, со што направила лажна исправа. За тоа дело била парично казнета. Со таа пресуда Трајков не успеал да биде избришан од листата на основачи на задругата.

– Пресудата да претставува основ за да се изврши промена во Централен регистар и тоа во трговскиот и регистарот на други правни лица, стои меѓу другото во втората пресуда, кога тој ја тужел задругата и добил правосилна пресуда во своја корист.

Но, разочаран и револтиран е бидејќи повторно не му успеало да биде избришан од листата на основачи на задругата.

– Овој проблем ми тежи веќе подолго време, а никако да го решам. Не знам каде да реагирам, бидејќи веќе не знам кој пат да го фатам. Во меѓувреме останав без работа, а здравствено осигурување не можам да користам како невработен човек, бидејќи се уште ме водат како еден од основачите на задруга. Згора на тоа, во вакви нерасчистени односи, не можам да користам ниту од другите видови на поддршка што ги дава државата, нагласи Трајков.

Според него, уште седум други лица биле злоупотребени на истиот начин од истата кавадарчанка.

Од Централен регистар рекоа за МИА дека го разгледале случајот и му кажале на Трајков дека тој самиот не може да бара да биде избришан од листата на основачи на задругата. Му посочиле две опции за надминување на проблемот. Едната опција била, овластеното лице управител на задругата да поднесе барање за такво бришење, а тоа лице било во странство. Втората опција била, Трајков да покрене вонпарнична судска постапка, тужба за назначување привремен управител од страна на судот, кој пак привремен управител, би можел да побара бришење на Трајков од списокот на основачи на задругата.

Но, Трајков реагира на одолговлекувањето на целата работа и додава дека сето ова го чини здравје, време и пари. Се прашува зошто не се спроведува правосилна судска пресуда и бара начин како целата оваа голгота да заврши што е можно побрзо, да излезе од проблемот во кој бил вовлечен без негова вина.