Според анализите на Комисијата за заразни болести на комулативната состојба со епидемијата заклучно со 19 септември од почетотот на епидемијата најголем број случаи се регистрирани во Скопје, Куманово, Тетово и Штип, при што највисока инциденца на 100.000 жители има во Штип. Според дистрибуција по возрасни групи од вкупниот број случаи и натаму најзастапена е групата над 60 години, но евидентно е исто така дека избива и групата меѓу 30 и 39 години.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека ова укажува на тоа дека вирусот е се поприсутен меѓу работоспособното население и популација која има многу активен со социјален живот односно многу контакти.
Посочи дека во однос на процентот на позитивни од тестирани, после пикот на 27 јуни кога изнесуваше 22,3 проценти почнува да опаѓа, а од средината на август процентот е под 10, за да на 6 септември да изнесува 5,2, од 16 септември е над 10, а на 19 септември е регистриран 12,1 процент позитивни од вбкупниот број направени тестови.
Најголем број новодијагностицирани, појасни, имало во 28 недела, втората недела од јули кога се регистирани 1.074 заболени. Потенцира дека потоа оваа бројка опаѓа во континуитет, а изминатата недела бројката почнува да расте и сега се регистрирани 908 нови случи.
„ Најголем број од дијагностицираните се преку локален пренос на инфекцијата. По затворањето на границите спорадични импортирани случаи почнуваме да регистрираме на 29 мај, а по повторното отворање на границите речиси секој ден. Од почеток вкупен број на импортирани случаи се 414, најголем број – 79 од Албанија, од Србија 74, од Германија 41, од Косово 24, од Бугарија 22, од Турција 20, Грција 18 и Австрија 15 случаи“, рече Филипче.
Податоците за текот на епидемијата во изминатите 14 дена споредено со други земји, нагласи, покажуваат дека последните две недели инциденцата на 100.000 жители кај нас изнесува 79,2, во Европската унија, Велика Британија е во просек 76, а се движи од 5 до 271 на 100.000 жители.
„ Стапката се зголемува веќе 56 дена во Австрија, Белгија, Хрватска, Чешка, Данска, Естонија, Франција, Унгарија, Ирска, Луксембург, Малта, Холандија, Норвешка, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија и Велика Британија. Се забележува високо ниво на 14-дневни стапки на пријавени случаи на Ковид -19, најмалку 60 на 100.000. Кај нас од вкупниот број на потврдени случаи 1.638 во периодот од 6 до 19 септември 32 проценти имале контакт со потврден случај, 63,3 се од непознат извор и еден сосем мал дел се неистражени. Во истиот период 21 процент се асимптоматски случаи, а од вкупниот број на потврдени 1.638 процентот на хоспитализација е 17,7 проценти“, истакна Филипче.
Најголем процент на хоспитализирани од болни во истиот период, посочи министерот, е регистриран на 6 септември тогаш е 28 проценти, од тогаш процентот опаѓа за да на 19 септември регистриран е 2,4 проценти хоспитализирани од потврдени.
„ Споредено со земјите во Европа процентот на хоспитализациите во просек е понизок. Состојбата со болничките капацитети е стабилна. Бројот на активни случаи е релативно стабилен. Во моментов најголем број на активни случаи има во Скопје, Куманово, Тетово, Прилеп, Гостивар и во Струмица. Во однос на смртноста морталитетот во нашата земја е 4,1 процент. По недели најголем број смртни случаи има во 25-та недела кога се потврдени 54 починати. Од тогаш бројката опаѓа, а во последната 38-ма недела до 19 септември вкупно се регистрирани се 40 смртни случаи. Анализата на Институтот на јавно здравје за целата измина недела, а тоа е од 13 до 20 септември, ќе биде достапна во текот на утрешниот ден“, додаде Филипче.