Поради ковид – 19 затворена уште една конфекција во Штип – ММС
ММС

Објавено на: 09/22/20 11:03 AM

Поради ковид – 19 затворена уште една конфекција во Штип

По појавата на пет случаи на заболени и работници со симптоми на ковид – 19, од понеделникот привремено е прекината работата во конфекцијата Арвена од Штип со осумдесетина вработени. Конфекцијата нема да работи две недели, со цел да се превенира натамошно ширење на вирусот. Ова ни го потврди директорката на Центарот за јавно здравје од Штип, Марија Димитрова.

-Тестирани се и неколку деца од штипските градинки, кои покажале симптими, како зголемена температура и повраќање. Сите тестови се негативни, изјави Димитрова.

И додека се намалуваат бројките на новозаболени од Штип, изминатата сабота на Инфективното одделение во Штип еден ден починаа две штипјанки, на 70 и 53 годишна возраст. Димитрова вели дека факт е дека вирусот циркулира меѓу населението, додека новозаболените повеќе не се само од конфекциите, туку има и заболени, кои кажуваат дека биле на одмор, поминале неколку дена  во Охрид или на други собирања.

Во статистиката на Клиничката болница од Штип во перидот од 17 до 20 септември регистрирани се пет починати пацинети. Двајца пацинети од Делчево починаа во ист ден, на 17- ти септември, еден виничанец, кој починал следниот ден, а двете пацентки од Штип,кои починале на 20-ти септември. Ова е најцрниот биланс во една седмица од почетокот на епидемијата во штипската болница, каде моментално се лекуваат 40 пацинети со ковид и тројца суспектни со симптоми. Од тие 40, десет пацинети се на кислородна поддршка.

Како се случи да се загубат дури пет животи во неоклку дена, од болницата го објаснуваат со фактот дека болничкото лекување почнува во доцна фаза од заболувањето.

-Засега единственото објаснување што го кажуваат инфектолозите е тоа што пацинетите се хоспитализираат во тешка состојба. Не би можел да кажам зошто доцна доаѓаат, изјави Ален Ѓеорѓијев, директор на Клиничката болница од Штип.

Ѓеорѓијев не сакаше да коментира дали доцното доаѓање во болница е поради процедурите и матичните доктори.

За разлика од пред 20-тина дена кога во болницата се згрижуваа главно пацинети од Штип, сега доминираат заболени од Делчево, а последните денови и од Кочани. Во кочанската градинка „Павлина Велјанова“ потврдено е присуството на корона вирусот кај психолог, вработена во градниката. Контактите на вработената се изолирани, додека од градинката додаваат дека редовно се работи по пропишаните протоколи.

-JОУДГ „Павлина Велјанова” работи според протоколите од Министерството за труд и социјална политика.  Работат сите пет објекти и во сите се згрижени деца. Тестирањата што се извршени и се вршат кај вработените и кај децата се од превентивен карактер, изјави Едита Миткова, директор на градинката.

Во Делчево и Берово секојдневно има пораст на бројот на заболени, додека последната недела значајно се зголеми бројот на болни со ковид – 19 од Кочани. Од Општинскиот кризен штаб на Кочани го истакнуваат проблемот со масовното организирање на семејни прослави, каде не се почитуваат здравствените мерки.

–   Бројот на заразени од коронавирусот во Кочанско деновиве е во постојан пораст. Во моментот има 102 активни случаја, од кои 91 случај е на домашно лекување, а 11 на болничко. Од почетокот на пандемијата досега се оздравени 145 пациенти, а петмина се починати, соопшти Гоце Серафимов, директор на Центарот за јавно здравје од Кочани.

Вчера беше соопштено дека почина 66-годишен кочанец од ковид – 19, што е петата жртва на корона вирусот од овој град.