Опозицијата ги отфрла обвинувањата на ЗНМ – ММС
ММС

Објавено на: 06/29/18 4:46 PM

Опозицијата ги отфрла обвинувањата на ЗНМ

Откако Здружението на новинари на Македонија денеска на прес конференција обвини дека ВМРО ДПМНЕ го блокира носењето на Законот за медиуми, партијата се огласи со писмено соопштение, отфрлувајќи ги обвинувањата.

Опозицијата тврди дека министерот без ресор, Роберт Поповски и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски  сакаат комплетно да ја одземат независноста на регулаторните тела на медиумите во Македонија.

Од ВМРО ДПМНЕ се децидни дека се обидуваат да издејствуваат подобро решение кое ќе гарантира поголема независност на регулаторните тела за медиуми и ќе ги направи отпорни на како што велат, притисоците на власта.

Поднесени се 60-тина амандмани кои произлегоа од јавната дебата при креирање на предлог- текст за закон. Всушност се работи за амандмани кои спречуваат партизација преку начинот на избор на членовите на регулаторните тела – се додава во партиското соопштение, како одговор на ставот на претседателот на ЗНМ, Насер Селмани дека опозицијата не се преокупира со судбината на јавниот сервис, туку сака да ја одолговлечи расправата за да ги заштити како што смета тој, своите партиски војници во Програмскиот совет на МРТ и Советот на Агенцијата за медиуми.

Селмани  ја повика претседателката на Комисијата за транспорт, врски и екологија  Лилјана Затуровска идната недела да закаже продолжување на расправата по законот, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да дозволат Собранието да ги изгласа измените.