Европската филмска академија (ЕФА) денес ја објави одлуката да го вклучи „Врба“ на Милчо Манчевски во селекцијата за најдобар филм 2020 на 33-те Европски филмски награди. За филмовите во селекцијата за најпрестижната европска награда, што е позната и како Европски Оскар, ќе гласаат над 3.800 членови на Академијата и ќе изберат по 5 номинации во 5 категории: најдобар филм, режисер, актер, актерка и сценарио. Номинациите ќе бидат објавени на 7 ноември на фестивалот во Севилја, Шпанија.
Годинава доделувањето наградите на Европската филмска академија ќе се одржи во Рејкјавик, Исланд на 12 декември.
(https://europeanfilmawards.eu/en_EN/efa-2020-feature-film-selection-complete)
Во селекцијата на ЕФА годинава се 38 филмови.
Ова е втор пат филм од Манчевски да влезе во селекцијата за европските филмски награди, во 2011 година селектиран беше и неговиот „Мајки“.
„Врба“ ги раскажува приказните на три мајки во средновековна и современа Македонија. Играат Сара Климоска, Наталија Теодосиевска и Камка Тоциновски, директор на фотографија е Тамаш Добош, монтажата е на Николас Гастер, продукцискиот дизајн е на Дејвид Манс, а музиката е од Кирил Џајковски.
Филмот е македонско – унгарско – белгиската копродукција со учество на Албанија, а продуциран е од Јане Ќортошев и легендарниот британски продуцент Ник Пауел.