Лекарската комора го осудува нападот на лекарот на токсикологија, постапката да се води како напад на службено лице – ММС
ММС

Објавено на: 09/21/20 3:19 PM

Лекарската комора го осудува нападот на лекарот на токсикологија, постапката да се води како напад на службено лице

Лекарската комора на Република Северна Македонија најостро го осудува инцидентот што се случи викендов на Клиниката за токсикологија кога пациент физички го нападнал и повредил дежурниот лекар, по што лекарот со повреди на главата бил пренесен во Ургентниот центар. Лекарската комората бара во постапката против предизвикувачот на инцидентот доследно да се применат сите законски прописи со кои нападот на здравствен работник на работното место претставува напад на службено лице.

„Лекарската Комора бара од институциите на системот одговорно и енергично да реагираат на секое насилството во здравствените установи, преку доследно имплементирање на постоечката законска регулатива, но и нејзина измена со воведување на поригорозни казни. Насилството над здравствените работници не смее да се толерира и Комората е децидна дека е апсурдно во 21 век да се говори за феномен на насилство во медицински установи. Недопустливо е здравствените работници да стравуваат за својот живот и здравје. Комората е категорична дека со насилството над здравствените работници им се нанесува голема штета и на самите пациенти и дека нема ниту една причина, ниту едно оправдување за такво нешто’, се вели во соопштението од Лекарската комора.

Пациентите и здравствените работници имаат иста цел, а за да се дојде до неа и едните и другите мора да се однесуваат согласно елементарните правила на човечност, достоинство и почитување. Ниту едно незадоволство не смее да биде повод за насилство од каков било вид, а особено не над здравствените работници.

Лекарската комора цени дека е неопходно да се работи на враќање на довербата меѓу пациентите и здравствените работници, но и дека во здравствените установи треба да преземат дополнителни мерки со кои и на здравствените работници ќе им се обезбеди соодветна заштита и услови за нормална работа и грижа за здравјето на граѓаните.

„Сведоци сме дека во изминатиов период докторите и севкупниот здравствен персонал стоечки се бореа за секој човечки живот и затоа Комората го осудува секое непочитување на нивната работа, труд, жртва и ризик со кој се изложуваат на највисоко ниво во пружањето на услугите. Пациентите мора да имаат предвид дека здравствениот персонал безрезервно и максимално се вложува за нивното здравје, за сметка на своите семејства. Затоа тие заслужуваат само поддршка, а не насилство“, се додава во соопштението.

Според информациите од МВР, на 20.09.2020 во 14.55 часот во СВР Скопје, Д.П. од Скопје пријавил дека околу 14.20 часот, додека бил на своето работно место како лекар на Оддел за токсикологија во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ бил физички нападнат од С.И.(32) од Скопје.

Веднаш се преземени соодветни мерки и активности и лицето е пронајдено и против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.