МАПАС: Истекува рокот за поднесување изјава за членовите со бенифициран стаж – ММС
ММС

Објавено на: 09/21/20 2:05 PM

МАПАС: Истекува рокот за поднесување изјава за членовите со бенифициран стаж

Истекува рокот за поднесување на изјава за продолжување на членството во задолжителен пензиски фонд, соопшти денеска Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС).

– Согласно закон членовите на задолжителните пензиски фондови кои навршиле стаж со кој се остварува намалување на старосната граница за пензионирање за најмалку една година согласно член 118 став (3) од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, почнувајќи од 1 јули 2020 година имаат право да изберат дали ќе го продолжат членството во задолжителен пензиски фонд, најдоцна до 30 септември 2020 година, се наведува во соопштението.

Изборот, како што додаваат, се врши со писмена изјава за продолжување на членство, а доколку членовите до овој рок не достават изјава, членството во задолжителниот пензиски фонд ќе им престане на 1 октомври 2020 година.

– По престанување на членството во задолжителниот пензиски фонд, пензиското друштво го пренесува вкупниот износ на средствата од индивидуалните сметките на овие членови во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија (Фондот на ПИОСМ). Членовите кои нема да го остварат правото на избор остануваат осигуреници само во тековно финансираното пензиско осигурување засновано на генерациска солидарност (Фондот на ПИОСМ) од каде што ќе остварат пензија, се вели во соопштението.