Се будев од сон за да ги запишам моите мисли: Сања Николова Мемиш го промовираше првенчето „Никогаш не вели никогаш“ – ММС
ММС

Објавено на: 09/20/20 3:02 PM

Се будев од сон за да ги запишам моите мисли: Сања Николова Мемиш го промовираше првенчето „Никогаш не вели никогаш“

Фразата „никогаш не вели никогаш“ за мене претставува суштина на животот. Многу работи за кои сме рекле дека нема да се случат, сепак се случуваат. Ова во изјава за Македонски медиа сервис го вели поетесата Сања Николова Мемиш, која според своето животно мото се водела и кога одлучувала како ќе се вика нејзината прва книга, која вчера беше промовирана пред публиката во нејзиниот роден Штип.

„Никогаш не вели никогаш“ е книга во која се собрани песни и лирски текстови. Книгата е пишувана подолго време, од средношколските години. Пишував постојано на листови хартија. Се будев од сон, значи не седнував да пишувам специјално.  Имав хартија до креветот за да можам веднаш да ги запишам мислите. Некако тоа беше потреба, не пишував со некоја специјална намера. Исто така не беше со намера и издавањето на книгата, се‘ додека една моја тетка не прочита една од песните и рече дека е супер и дека треба  и другите да го прочитаат тоа, односно да се преточи во книга. Се’ на се’ околу година дена беше потребно за да ја склопам и да изгледа вака како што изгледа на крај – раскажа Николова Мемиш.

Извадок од книгата

Ја прашавме и дали се согласува со тоа дека пишувањето е лек за менталното здравје, на што таа забележува дека на овој начин може да побегне од секојдневието.

„Пишувањето е лек и ме празни од секојдневието, од сите чувства што се натрупани и од љубов  и од конфликти. Тоа е празнење од негативната енергија, а полнење со позитивна“ – вели поетесата чие првенче беше промовирано во Радио кафе Канал 77.

 

Вања Мицевска