Јанис: Додека не станам шампион не ме нарекувајте МВП – ММС
ММС

Објавено на: 09/19/20 7:24 PM

Јанис: Додека не станам шампион не ме нарекувајте МВП

МВП наградите секоја година повеќе или помалку предизвикуваат бура од реакции во кошаркарската јавност. Во текот на вчерашниот ден, центарот на Милвоки Бакс, Јанис Антетокумпо беше избран за МВП на сезоната во НБА. Дел од јавноста и фановите сметаа дека наградата е незаслужена и дека таа требаше да ја добие Леброн Џејмс, дел од нив сметаа дека Јанис оправдано си ја „собра“ наградата.

Франшизата чиј предводник е токму Гркот, релативно рано испадна сезонава од трката за шампионски прстен. Впрочем, Милвоки Бакс загуби од Мајами Хит во 4:1 во полуфиналната серјија на Истокот и остана повторно со празни раце.

По добивањето на наградата, Јанис се заблагодари за довербата и почитувањето од лигата, но истакна дека не би сакал да го викаат МВП додека не освои титула еден ден.

-Не ме викајте МВП додека не станам шампион. Среќен сум за оваа награда, но сакам повеќе. Не може човек да го земе ова „здраво за готово”. Очигледно е дека сум незадоволен поради фактот што не успеав да му помогнам на тимот да игра во финалето на Истокот, но на крајот од денот знам дека мора да се поправам и заедно да напредуваме како екипа, изјави Јанис од Атина за NBA TV.

Антетокумпо додаде дека оваа награда не може никој да му ја земе и дека сепак е заслужена.