Поради обилните врнежи од дожд повторно е заматена водата од водоснабдителниот систем Лукар и при редовното мерење било констатирано отсуство на резидуален хлор. Д-р Трајче Ризов, специјалист по хигиена од Центарот за јавно здравје Кавадарци со апел до граѓаните водата пред пиење да се проврива.Од таму посочуваат дека континуирано се следи исправноста на водата со земање на нови мостри.
– Се до моментот додека се нормализира резидуалниот хлор во водата на сила ќе биде препораката за задолжително провривање на водата, препорака која покрај за кавадарчани важи и за жителите на Неготино и Росоман кои исто така се снабдуваат со вода од Лукар.
Заматување на водата од изворот Лукар се случува секогаш кога има пообилни дождови и во време кога почнува топењето на снегот од планината Кожув.
Др. Ризов рече и дека постојано се вршат контроли на водата за пиење и во селата а испитувањата покажале дека за 5 проценти од населението во Kавадарци и Росоман, кои со вода за пиење се снабдуваат од природни чешми, локални селски водоводи или пак бунари, водоснабдувањето и понатаму е ризично за нивното здравје.
Препорака на стручните лица е да се изврши асанација на сите локални селски водоводи и да се спроведе редовно хлорирање на водата, за да се добие безбедна вода за пиење и кај ова население.
Билјана Тошевски