Гонзало Игуаин и официјално е второто звучно засилување на новиот прволигаш во МЛС фудбалската лига на САД и второто засилување коа доаѓа од тимот на Јувентус.
Интер Мајами денес го претстави трансферот на аргентинскиот напаѓач и веднаш му ја додели „деветката“ на дресот на клубот од Флорида.
-Ние сме среќни што успеавме да го завршиме договорот со Гонзали и да добиеме искусен и успешен напаѓач кој беше етаблиран во најдобрите лиги во светот. Нашата сопственичка група секогаш имаше цел, не само да се донесат елитни фудбалери во Интер Мајами, туку и покрај тоа тие да бидат добри луѓе кои ги делат нашите амбиции и аспирации за создавање историја во северноамериканскиот фудбал, изјави спортскиот директор на Интер Мајами, Пол МекДона.
Игуаин е исто така пресреќен поради преселувањето во Мајами и се надевам дека во најскоро време ќе почне да игра фудбал и да оствари со новопечениот прволигаш големи нешта.
-Првенствено, би сакал да им се заблагодарам на Интер Мајами за напорите да ме доведат во клубот. Јас мислам дека ова ќе биде едно прекрасно искуство во мојот живот. Градот е прекрасен, се чувствувам добро, се чувствувам како играч. Мотивиран сум да започнам ново поглавје во сосема нова лига и одвај чекам да демонстрирам што можам да направам, изјави Гонзало Игуаин непосредно по потпишувањето на договорот.
Игуаин минатата сезона ја помина во Јувентус, но не добиваше минутажа од неговиот стар познаник, Маурицио Сари.