Али Ахмети на 2 – ри октомври ќе биде повикан на распит во обвинителството за случајот „Попис“. Лидерот на ДУИ ќе треба да каже што знае и на кој начин беше запрен процесот на пребројување на населението во 2011 – та година. Пописот се организираше за време на владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ, а на само пет дена пред неговото завршување, тој беше прекинат после оставката на сите тогашни членови на пописната комисија, откако оценија дека поради недоследности во процедурата, ќе се добијат нерелевантни податоци. Истрагата за овој случај ја отвори веќе згаснатото Специјално обвинителство, а освен Ахмети за намерно пропаѓање на пописот го сомничеше и бегалецот и екс-премиер Никола Груевски. На 21 – март 2018 – та година СЈО објави дека отвориле истрага која за првпат опфаќаше висок функционер на ДУИ и тоа претседателот на партијата.
„Иако биле свесни дека ќе настанат штетни последици, лицата пристапиле кон спроведување на пописот. Кога виделе дека немаат капацитет да ги сокријат демографските факти за земјата, тие, со цел да избегнат одговорност, се договориле да претстават дека причините за стопирање на пописот се од техничка природа“, соопштија од СЈО на 21 март 2018 година.
Првичните сознанија на СЈО тогаш беа дека со стопирањето на операцијата за попис, штетата врз буџетот која ја направиле Груевски и Ахмети била 2,8 милиони евра. Сега по повеќе од две години како е отворена истрагата, Ахмети ќе даде изјава во обвинителството за случајот, но Груевски е недостапен зашто избега. Сепак Ахмети има исклучително олеснителна ситуација, бидејќи со стапувањето во сила на новиот Закон за обвинителство прислушуваните разговори нема да бидат доказ – клучен елемент врз кој се отвори случајот „Попис“ базиран на прислушуван разговор помеѓу Груевски и Ахмети. И додека обвинителството открива кој се осомничените виновници за пропаднатиот попис во 2011 – та година, власта предводена од Зоран Заев и Али Ахмети, најави дека има коалициски договор за организација на нов попис во април догодина.
Alsat-m