Болеста ме направи 39 килограми- Пејачот Игор Пармаковски се бори со Кронова болест – ММС
ММС

Објавено на: 09/18/20 10:50 AM

Болеста ме направи 39 килограми- Пејачот Игор Пармаковски се бори со Кронова болест

Поминале речиси три децении од првата операција, но неговата здравствена состојба е искомплицирана и вели дека се чувствува ужасно. Хорскиот пејач, Игор Пармаковски повторно треба да легне под хируршки нож за да се ослободи од компликациите од Кроновата болест, иако со операција не може целосно да се излечи од неа. Семејството на битолскиот музичар преку социјалните мрежи апелира за помош и донации од хуманите граѓани, додека неговите колеги, уметниците од Опера и балет веќе организираат хуманитарни настани.

„Една ваква операција во Германија чини од 25 до 40 илјади евра, зависно од времето на престој во клиниката. Оваа операција се прави и во Македонија, но мојот случај е доста специфичен. Ако бидам опериран овде тоа ќе треба да го направи најдобриот или еден од најдобрите дигестивни хирурзи. Јас веќе разговарав со професор доктор Никола Јанкуловски кој ме има оперирано. Чекам одговор за датум кога би била операцијата, односно кога треба да одам во болница“, споделува Пармаковски за ММС.

„За разлика од странство, овде операцијата е покриена од Фондот, но дел од терапијата која се користи за време на операцијата и по неа не подлежи под ФЗОМ, така што се наплатува приватно. Исто така, сместувањето со придружба кое мене ми е потребно се фактурира приватно. Овие трошоци во Македонија може да достигнат до 4000 евра“, вели тој.

Пармаковски ни раскажа и како се манифестира Кроновата болест, односно што таа му прави на организмот, за да тој сега има само 39 килограми:

„Се манифестира со почести и понекогаш крвави столици. Кај осумдесет проценти од заболените се манифестира со едем (оток) кај спојот на тенкото со дебелото црево. Истава патологија може да се јави и на кој било дел од тенко и дебело црево. Исто така од внатрешноста на цревото може да се направат афти, фиброза, чир и отоци, со што практично тоа изгледа како „калдрма“. Поради овие промени во цревата целиот организам страда со дехидрирање, болки, температура, замор, губење на апетитот, промени во крвната слика…“.

Пармаковски апелира и до публиката и до читателите на ММС да избегнуваат стресни состојби, да се смеат почесто, а негативната енергија да ја исфрлат со јога, разговори со блиски луѓе и контрола на емоциите.

-Не чувајте ништо во себе (тивкиот убиец), хранете се здраво, пијте многу вода, природни чаеви и цедени сокови – додава тој во својот апел.

Во меѓувреме неговите роднини истакнуваат дека секоја помош е добредојдена и дека може да се донира на трансакциската сметка на Игор, додека отворат посебна сметка за донации.

Може да се донира и на овој линк