ВИДЕО: Зае*ани од Ридсдејл, вратени во живот од Биелса: Ние сме Лидс Јунајтед – ММС
ММС

Објавено на: 09/17/20 12:51 PM

ВИДЕО: Зае*ани од Ридсдејл, вратени во живот од Биелса: Ние сме Лидс Јунајтед

Седумнаесет цели години беа потребни за враќање во Премиер Лигата на еден од клубовите-икони во англискиот фудбал.

Лидс Јунајтед од полуфинале во Лигата на Шампионите против Валенсија и победи над гиганти како италијански Милан, стигна до испаѓање во Чемпионшип и англиска трета лига во следните неколку години.

Од Хари Кјуел, Марк Видука, Алан Смит, Иан Харт, Ли Бојер, Рио Фердинанд и на тренерското столче Дејвид О’Лири, до стрмоглав пад и пораз од Донкастер во плејофот во третата англиска лига за промоција во Чемпиошип. Патувањето за клубот и навивачите на „најомразениот“ колектив на Островот беше навистина неверојатно и филмско.

Се додека во екипата не пристигна „лудакот“ од Аргентина, Марсело Биелса. Лидс во изминатите неколку сезони беше постојано во врвот на англиската втора лига, но нешто како да му недостасуваше за финалниот исчекор. Според многумина, Лидс беше исплашен од предизвикот и шансата повторно да се врати во елитата. Годинава не беше така. Биелса и соиграчите на нашиот Џани Алиоски, од првото коло ја сфатија сериозно работата и останаа на самиот врв. Лидс заврши прв пред ВБА и директно се избори за посакуваниот кам-бек.

Токму краткиот документарец подготвен од дечките од „COPA 90“, зборува за подемот и падот на Лидс Јунајтед и импактот на неуспешниот период на клубот во изминатите скоро две децении врз самиот град и луѓето кои живеат и живееле во него. За некого Биелса е поголем од самиот Бог, за некого Биелса е втор, ако не и прв татко, за трет, Биелса е најдоброто нешто што му се случило на градот во неговата историја.