Уште пред да биде одржан протестот закажан пред Владата на кој мајките на породилно отсуство бараат тоа да им биде продолжено до завршувањето на епидемијата со коронавирусот или барем до крајот на годинава, пристигнаа сигнали од владата од кои е очигледно дека барањата најверојатно нема да бидат прифатени.
Главните аргументи на владата се дека економијата мора да заживее, враќањето на образовните и воспитните процеси мора да се одржат по строго утврдени протоколи и животот со коронавирусот ќе мора да продолжи за сите, можеби уште една или две години.
-Како министер за здравство, но и како родител, свесен сум за предизвиците со кои се соочуваат родителите во овој период. Знам дека не е лесно да се прилагодиме на сите промени во работењето и во образовниот процес на своите деца. Но оваа состојба ќе трае и ние мора да најдеме начин да го продолжиме и работењето и образованието на децата на нов начин. Тоа бара жртва и многу напор и за жал нема идеални решенија. Значи мора да се вратиме на работните места, мора да придонесеме да се врати продуктивноста затоа што тоа се случува насекаде во светот. Ние ќе живееме со вирусот веројатно и цела следна 2021 година, мора да се научиме да ги почитуваме превентивните мерки и протоколите кои ги има за апсолутно сите економски оператори, угостителски објекти компании, фабрики училишта градинки, едноставно тоа ќе биде нашиот живот, истакна министерот за здравство Венко Филипче.
Четири градови ќе бидат центри на протестите, Скопје, Кочани, Битола и Охрид. Во внатрешноста протестите се пријавени и закажани да се одржат на градските плоштади, а во Скопје пред зградата на владата. Мајките најавуваат дека ќе носат празни колички, празни шишенца за млеко како симбол за мајчинство, кои ќе ги постават во иста линија.
Организаторите на протестот испратиле дописи и до премиерот Зоран Заев, во кои го молат да им помогне да ја надминат тешката состојба во која се ставени, за една недела да најдат решение за згрижување на нивното дете, или да си дадат отказ од работа за да можат да го чуваат. Поради тоа што мислеле дека на продолжено породилно отсуство ќе бидат до крајот на годинава како што првично беше најавено, тие воопшто не аплицирале децата да ги запишат во градинка, а сега местата се зафатени, а групите се помали поради протоколите за заштита.
Нивните барања се породилното да се продолжи до крајот на годинава од повеќе причини, како немање место и капацитет во јаслите, но и оправдан страв дека малите деца неадаптирани на условите на однесување во група, се во голем ризик да се заразат од коронавирусот.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска тврди дека места во градинките има, дека протоколите ќе се применуваат доследно и дека во услови кога градинките се отворени, беспредметно е родителите на малите деца да останат на продолжено породилно отсуство. Меѓутоа, состојбата на терен е далеку покомплицирана за оние што имаат помалку од една недела да го згрижат своето дете во градинки со преполнети капацитети.
-Самохран родител сум а детето не ми го примаат во градинка. Министерката вели сме биле приоритет, вели Билјана Темковска.
Во групите на социјалните мрежи каде се организира протестот, родителите се жалат дека никој не сака да им го прими детето во градинка, а тие немаат каде да го остават бидејќи се самохрани родители.
–Ист случај сум. Ми рекоа дека нема никакви шанси да го запишам детето во градинка. Протоколите се непроменети и нема место. Каде да го оставам, несметајќи го времето потребно за адаптација. Сама сум. Да одам да работам воопшто не ми е проблем, но ова е крајно бесмислено и нелогично и крајно непрофесионално од страна на сите кои ја поддржаа и изгласаа оваа одлука, вели Лилјана Стоилковска за ,,Слободен печат”.
Состојбата е особено тешка за родителите на предвреме родените бебиња. И тие ќе се приклучат на протестот со барање да се преиспита одлуката на владата, со аргументи дека нивните деца се со кревок имунитет поради тоа што се родени порано од другите.
-Мајка сум на десетгодишно бебе родено предвремено и најобична настинка може да биде ризик по неговиот живот. Нека не си играат со нашите најмили, вели за ,,Слободен печат” Фросина Вељковска од Куманово.
Барањата се да се одложи одењето во градинка за да се избегне есенскиот бран на обични вируси и коронавирусот да ги погодат најмладите, а со тоа да се испочитуваат и препораките на Комисијата за заразни болести која препорача породилното отсуство да трае до крајот на годината за родителките на деца до шестгодишна возраст. Владата не ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести и наложи од 23 септември сите родителки да се вратат на извршување на своите работни задачи.
И хронично болните пациенти кои нема да обезбедат потврда од лекар дека болеста им се влошила, ќе мора да се вратат на работа. Животот почнува да се нормализира, најверојатно поради обиди да се спаси македонската економија. Доколку некое од децата пројави симптоми на коронавирусот, ќе биде изолирано, тестирано а епидемиолозите ќе проценат дали има ризик и за останатите.
Извор:
slobodenpecat.mk