ОПШ: Граѓаните користат јавни услуги, но имаат и право да се жалат ако не го добиваат тоа што го плаќаат – ММС
ММС

Објавено на: 09/16/20 4:53 PM

ОПШ: Граѓаните користат јавни услуги, но имаат и право да се жалат ако не го добиваат тоа што го плаќаат

Плаќање на поправка за електрични апарати за кои има гаранција  или чекање со месеци сервисерите да ги поправат дефектите, високи сметки за вода и струја што нереално се „потрошена“, каси во маркети без монитор и немање увид на тоа што се наплаќа, небаждирани ваги на пазар , неквалитетно изработен накит и неприфаќање на одговорност на тие што ги нудат производите, се само дел и примери од секојдневието со кои што се соочувале штипските потрошувачи.

„Тие реагираа во Штипската организација за заштита на потрошувачи а ние преку Советодавното биро на ОПШ реагиравме  во соодветните институции“, вели Снежана Папарова претседател на Организацијата за заштита на Потрошувачите -Штип.

Потрошувачите имаат права, тоа им го овозможува Законот за заштита на потрошувачите  но не сите си  ги знаат  своите права. Едно од тие права според Нела Божилова од ОПШ е правото на безбедно купување но и можноста за избор меѓу повеќе производи и услуги со добар квалитет и пристапни цени, здрава животна средина која не претставува опасност за животот и здравјето на потрошувачот. Кои се другите права?

„Потрошувачот има право на обезбедување на основните потреби на граѓаните за достапност до најнужните производи и услуги-храна, облека, станбен простор, здравствена заштита, образование и хигиена , надомест на штета на производи и услуги кои имаат несоодветен квалитет од кој е предизвикана штета, безбедност на производите и услугите кои нема да го загрозат здравјето или животот на потрошувачот при нормална употреба но и создавање механизам за учество на граѓаните во политиката на заштита на потрошувачите“, вели Божилова.

Граѓаните како потрошувачи имаат право, но многу е битно, колку тие ги знаат своите прва. Токму едно од тие права е и едукацијата на потрошувачите. Една од задачите и  обврските на Организацијата за заштита на потрошувачите е изнаоѓање на механизми за запознавање на граѓаните со нивните права но и како да ги остварат тие нивни права. За таа цел ОПШ, во  соработка и финансиска помош  на   Министерството за економија изработи флаер преку кој , едноставно и концизно се пренесува пораката до потрошувачите . Ова е втор флаер што  ОПШ, како организација  вклучена во програмата на Министерството за економија за заштита на потрошувачите го изработи,  но овој пат  акцентот е ставен на информирање на граѓаните за услугите кои што тие ги плаќаат но не секогаш го добиваат тоа што го бараат или трошат.

Каде се граѓаните можат да се жалат и колку нивните проблеми добиваат разрешница

„По наша интревенција или интервенција до надлежните инспекции и институции, но и со совети, повеќето од жалбите добиваат разрешница“, вели Папарова „ но многу е битно граѓаните да си ги знаат и остварат своите права зошто тие користат услуги и плаќаат за тие услуги“, додава Папарова.

Никој не треба да си дозволи, да плаќа високи сметки за вода што не ја потрошил, да му мерат овошје или зеленчук на небаждарени ваги или пак да плаќа поправка за телевизорот кој се уште има гаранција, порачуваат од Организацијата за заштита на потрошувачите-Штип.