Чиј да биде Фени, додека кавадарчани и работниците го поддржуваат Џи сол, градоначалникот со поддршка за Минстрој – ММС
ММС

Објавено на: 06/29/18 7:03 AM

Чиј да биде Фени, додека кавадарчани и работниците го поддржуваат Џи сол, градоначалникот со поддршка за Минстрој

Градоначалникот и дел од советниците на општина Кавадарци испратиле писмо до премиерот во кое даваат целосна поддршка на планот на бугарски Минстрој за инвестирање во кавадаречки Фени. За нив,како што стои во писмото,е важно отворање на рудникот Ржаново, со нови вработувања, годишен приход од концесија од околу 600 илјади евра спротивно од планот на Џи сол каде нема отворање на рудникот.

Тие бараат и активно да се бидат вклучени во стечајната постапка а стечајниот судија да донесе решение за продолжување на постапката за впаричување на имотот и да не го одобри планот за реорганизација. Пред некој ден писмото беше доставено и до стечајната судијка Валентина Ѓорѓиевска која рече дека нема да дозволи да се врши политички притисок како и тоа дека општината не е странка во предметот. Ваквиот документ наиде на огормен револт кај вработените а претседателот на синдикатот на вработените Душко Николовски порача дека нема да се согласат со планот за ликвидација,затворање на комбинатот и така да се решел стечајот,според него во тој случај тие би останале без работа. За претседателот на Синдикатот за индустрија и енергетика Пеце  Ристевски ова барање на градоначалникот било срамно па го запраша кој тоа застапува кога е против барањето на работниците,затоа требало да се извини на нив и нивните фамилии.

Од Џи сол повторија дека планот за реорганизацијата  содржи конкретни чекори што водат кон зголемување на капацитетите, производството, и повторно враќање на комбинатот во најголеми европски производители на фероникел па оттука и предлогот за ликвидација за нив е крајно несериозен. На средбата со градоначалникот од овде соопштиле дека во околината на рудникот ресурсите практично биле исцрпени а според експертите, ако Фени зависи од него треба да стави клуч на врата. Комбинатот работи без Ржаново уште од 2005 година,руда се увезува зашто се покажал како економски неисплатлив а интересно е и тоа што и покрај смената на повеќе раководни структури овде ниту една од нив не пројавила интерес за негово рестартирање.

На судското рочиште пред 8 дена Џи сол од стечајниот судија доби рок од три дена да направи корекција на планот за реорганизација со забелешките  за да може да биде ставен на гласање,за нивниот адвокат станува збор за корекции од техничка природа а не суштински. Собранието на доверители на кое ќе биде гласањето за планот за реорганизација на „Фени“ е закажано за 4 јули.Долго време траат игрите околу кавадаречки Фени,работите одат дотаму што се поставува прашањето има ли замешано прсти политиката овде ,кога градоначалникот дава поддршка на Минстрој додека пак работниците и кавадарчани иднината ја гледаат во Џи сол.

Билјана Тошевски