Победа на колективот врз индивидуата: Јокиќ и Денвер испишаа историја и закажаа конференциско финале со Лејкерс – ММС
ММС

Објавено на: 09/16/20 12:55 PM

Победа на колективот врз индивидуата: Јокиќ и Денвер испишаа историја и закажаа конференциско финале со Лејкерс

Чуда се случуваат. Каде, ако не во спортот? Загубената предност на домашен терен поради вонредните околности предизвикани од пандемијата на коронавирусот, која за Нагетси навистина беше од исклучително значење (првенствено поради тоа што Денвер таму прикажуваше одлични партии, а секундарно, поради патот кој гостинските тимови мораа да го поминат за да пристигнат до Колорадо и попатните временски услови), како и повредите на неколку важни играчи од ростерот на Мајк Малоун, го отпиша Денвер во очите на кошаркарската јавност уште пред серијата со Јута Џез.

Но, во секоја спортска арена не играат имињата и ѕвездите, туку игра тимот и колективниот дух. Храбрите Нагетси уште еднаш го шокираа светот и влегоа во историјата како првиот тим кој на двапати успеал да се врати од заостанување од 3:1 во серија со четири добиени и да издвојува целосна победа од 4:3 на крајот. Првиот пат против Јута Џез, сега против фаворитот за освојувањето на НБА титулата оваа сезона, предводен од Кавај Ленард и Пол Џорџ, Лос Анџелес Клиперс.

Иако вчера по којзнае кој пат Џамал Мареј скорерски беше доминантен во натпреварот, Никола Јокиќ е кошаркарот кој го спаси својот тим од бездната и успеа да му обезбеди конференциско финале, прво по 11 години и тоа против истиот противник од времето кога Кармело Ентони ја играше најдобрата кошарка во неговата кариера.

Непредвидливоста, леснотијата во играта, енергијата и храброста да се претвори во плејмејкер доколку е потребно, или во бек-шутер доколку не им „оди“ на соиграчите, го направија српскиот репрезентативец лидер на овој тим и го вивнваа во НБА височините како еден од најдобрите кошаркари кои играат во најквалитетната светска кошаркарска лига во моментов.

Ниту еден играч во историјата во натпревар број седум од плејоф немал повеќе од два трипл-дабл учиноци и ниту еден играч во поновата ера на НБА нема забележано трипл-дабл во седмиот меч од серијата во три четвртини. До вчера и до вчерашната феноменална победа на Нагетси против фаворизираните и би рекле арогантни Клиперси.

Она за кое често и знаеше да биде искритикуван од медиумите и фановите и се сметаше за своевидна слабост во неговата игра, во серијата со екипата на Док Риверс, а особено во решавачкиот дуел, беше надминато. Јокиќ забележа 22 скокови, играјќи и повеќе од солидна одбрана против полетниот напад на тимот од Калифорнија. Покрај тоа, поранешниот центар од АБА лигата постигна и 16 поени и асистираше 13 пати. Денвер повторно бркаше негатива во победата од 104:89. Во првиот губеа со 12 разлика, додека не влегоа во препознатлива серија од 35-13.

Канадскиот репрезентативец му подари 40 поени на тренерот Малоун за неговиот роденден. Oспоруваниот некогашен плејмејкер на „Кентаки“, конечно почна да го исполнува огромниот потенцијал и да испрати порака дека тука не е случајно и дека тука во НБА е за да оствари големи нешта.

Лос Анџелес Клиперс по осми пат не ја искористија приликата да заиграат конференциско финале, помалку популарниот и помалку декорираниот тим од Лос Анџелес цели 50 години нема настапено во големо финале на Западот. Аквизицијата во името на Кавај Ленард не беше доволна сама по себе да го одведе Док Риверс до посакуваното место. За поразените Ленард постигна само 14 поени, а вториот на хартија најдобар поединец, Пол Џорџ, скромни 10 поени. Најдобриот шести играч сезонава, Монтрез Харел, забележа 20 поени.

-Ќе видам, ќе се обидам да сфатам што се случи. Многу е разочарувачки сето ова, изјави кратко Док Риверс непосредно по завршувањето на двобојот.

Бидејќи изминатата ноќ беше ноќ на рекорди и историја, оди во прилог и фактот што Нагетси се третиот колектив во професионалиот „главен спорт“ во САД, кој се вратил од дефицит од 3:1 на двапати во плејоф, заедно со Канзас Сити Ројалс од 1985 година и Минесота Вајлд од 2003 година.

-Што и да направиме, ќе го запаметам овој тим. Ќе запаметам секој еден од овие играчи, бидејќи ова е специјална група. Никој не го сакаше Денвер тука. Никој не сметаше дека ќе направиме нешто. Ние се докажавме себеси и им покажавме на другите дека можеме да направиме нешто, изјави Јокиќ.

Финалињата за сезоната 2019/20 во НБА по долгата исцрпувачка година се одредени. Мајами веќе обезбеди прва победа во финалето на Истокот против стариот добар познаник Бостон Селтикс, а Денвер од нула стартува во финалето на Западот со фаворитот за освојувањето на прстенот предводен од Леброн Џејмс, Лос Анџелес Лејкерс.

Дали екипата на Мајк Малоун има сили да направи уште еден финален исчекор и има сила во иста сезона да ги сруши двата клубови од Лос Анџелес, останува да видиме.

 

https://www.youtube.com/watch?v=LVm1D0ZY8nw