Владата да ги преиспита одлуките поврзани со враќањето на работа на родителите, бараат од Меѓаши – ММС
ММС

Објавено на: 09/16/20 12:07 PM

Владата да ги преиспита одлуките поврзани со враќањето на работа на родителите, бараат од Меѓаши

Од првата детска амбасада во сетот Меѓаши апелираат до Владата да ги преиспита одлуките поврзани со враќањето на работа на родителите на деца до 10 годишна возраст и враќањето на работа на мајките ослободени од работа врз основа на користење на продолжено породилно отсуство.

„Во услови кога сè уште не се јасни начините како ќе се продолжи образовниот процес, бројките на заразени случаи сè уште немаат тренд на опаѓање, изменети услови на учење без разлика на изборот – со физичко присуство или онлајн, сметаме дека одлуката е неконзистентна со претходните одлуки и премногу е краток рокот за да им се овозможи на родителите соодветно да се организираат“, информираат од Меѓаши.

Од таму велат дека на децата на училишна возраст, особено на првачињата им е неопходно присуство на еден родител и во случај на онлајн настава, и во случај на посета на наставата со физичко присуство.

„Со оглед на најавеното скратено времетраење на часовите децата ќе поминуваат значително помалку време на училиште и поради работниот ангажман на своите родители може да се најдат во ситуација сами да поминуваат повеќе саати во своите домови, се до враќањето на нивните родители“, велат од амбасадата.

Исто така, од Меѓаши велат дека неизвесно е дали сите деца чии родители се работно ангажирани ќе можат да бидат навремено примени во градинка.

Според Меѓаши, прашањето на континуирана и квалитетна грижа за децата, безбедноста, менталното здравје и нивната благосостојба е оставено неодговорено, нема понудено решение од страна на Владата за надминување на оваа состојба.

Од таму предупредуваат и дека стресот предизвикан кај родителите со оваа нагла одлука со рок на спроведување од една седмица ќе има последици врз севкупниот семеен живот што пак ќе се одрази повторно на децата.