Левица: Антикорупциска комисија цела година не покренува постапка за Еролд Муслиу – ММС
ММС

Објавено на: 09/15/20 9:46 AM

Левица: Антикорупциска комисија цела година не покренува постапка за Еролд Муслиу

Политичката партија „Левица“ ја обвинува Антикорупциска комисија дека одбива да отвори предмет против директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, иако до институцијата биле доставени три приговори за постоење на судир на интереси во работата на Агенцијата. Според сомневањата, Муслиу спротивно на Законот за спречување на корупција го вработил лицето Васко Шутаров кој претходно бил ангажиран во невладината организација „Нексус“, каде извршна директорка била токму неговата сопруга, Афродита Муслиу,

-Ако се разгледаат извештаите на оваа невладина организација, речиси и да нема никаква разлика со владината пропанда за шиканирање неистомисленици. Дополнително, против Муслиу е поднесен приговор дека без распишување на јавен оглас во Агенцијата го вработил лицето Фуат Стафам брат на Државниот правобранител Фехми Стафа. Ако се има предвид фактот дека Државниот правобранител ја застапува Агенцијата за разузнавање за работни спорови иницирани од вработени во Агенцијата, евидентна е намерата за влијание врз оваа установа и загрозување на правата на вработените, велат од партијата во соопштението до јавноста.

Уште минатата година од кабинетот на претседателот Пендаровски, под плаштот за наводна загриженост за работата на безбедносните служби, упатија апел Антикорупциската комисија да ги разгледа овие наводи и да утврди дали постои одговорност кај директорот Муслиу. И покрај сериозните обвинувања за незаконско работење и оддавање државни тајни со кое се компромитира работата на безбедносните служби, според „Левица“, Антикорупциската комисија цела година одбивала да отвори предмет против Еролд Муслиу и да преземе соодветни дејствија преку кои ќе ги потврди или отфли наведените сомнежи.

-Токму почетокот на работењето на Антикорупциската комисија го бележеше засилено отворање на предмети по најразлични пријави, што резултираше со нејзина привидна ефикасност, која во јавноста ги третираше помалите корупциски скандали на сметка на покрупни афери. Професионалноста и објективноста на оваа комисија е евидентно нарушена, со оглед на тоа дека Комисијата без речиси никакви административни филтри експресно покренува иницијативи против функционери кои не се дел од оваа власт, а кои често се отфрлени поради нивната недоволна правна поткрепеност, додаваат од „Левица“.

Тие велат дека молкот и непостапувањето за прекршувања на законите од страна на највисок функционер на институција е јасен доказ дека и оваа Комисија е узурпирана од интересите на власта и претставува продолжена рака за штитење на нејзините криминали, без никакви санкции за сторителите.