Во Каменичка Река се’ уште тече матна вода измешана со остатоци од флотацијата во рудникот Саса, по вчерашниот инцидент, кога поради пукање на тунел во водите на реката се излеа јаловишен материјал. Инцидентот, како што соопштува Државниот инспекторат за животна средина се случил во 5.45 минути па се“ до 7.15 часот се случило истекување на јаловишен песок од 3.000m3 од хидројаловиштето. Овој материјал разлеан со вода од Каменичка Река довел до полнење на зафат на Браната Калиманци и речното корито на реката притоа загадувајќи ја со јаловишен материјал од хидројаловиштето. За последиците засега никој не сака да прогнозира. Материјалот од рудникот заврши и во Калиманско Езеро, дел од браната, која засега е затворена и поради тоа, цврстиот материјал останува на дното од браната. Меѓутоа, хемикалиите измешани со течноста, немаат пречка да се најдат по текот на Брегалница и системот за наводнување. На социјалните мрежи вчера попладне споделено видео од десникот канал на системот кај Кочани, на кое се гледа помор на риби.
видео:FB Alex Golchev
Вчерашните информации кои беа пренесени во јавноста дека имало помор на риби во Каменичка Река, од концесионерот – Спортско риболовното друштво „Шаран“ од Македонска Каменица ги демантираат, но очекуваат многу поголеми последици по живиот свет во деновите кои следат.
– Оваа хаварија е многу поразлична од таа во 2003 година, пред се’ и поради тоа што се користат многу посилни хемикалии при флотацијата на рудата. Пред 17 години требаа четири до пет години за воопшто да се појави жив свет во Каменичка Река. За вчерашната тешко е да се прогнозира, изјави Даме Стојменовски од СРЦ „Шаран“.
Извесно е дека Еколошкиот инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор, а и денеска се работи на терен. Предложена е спогодба со рудникот, која носи казна од 100.000 евра.
-Од страна на Водостопански инспектор понуден е Записник за започнување на постапка за спогодување согласно член 212-ж за Прекршоци од трета категорија, став 1 (Глоба во износ од 100.000 евра во противредност во македонски денари за правно лице) точка 7 од Законот за животната средина, а правниот субјект треба да постапи согласно предложените мерки за заштита наведени во Записникот за констатација и Решението во инспекциска постапка кое согласно закон ќе биде доставено во предвидениот рок, соопштува Државниот инспекторат за животна средина.
Понатамошната постапка продолжува пред Комисија за спогодување при Министерство за животна средина и просторно планирање која ќе донесе конечна одлука.
Еден од коментарите на корисниците на социјалните мрежи се оврнува на засега непроценетата штета по природата и здравјето на човекот, напроти пропишаните 100.000 евра казна, за фирма како Саса, која е втора во Македонија по остварен приход.
Девет километри со јаловина од реката се изгубени за СРЦ Шаран“, кое стопанисува со реката, се целосно загубени. Од таму велат дека можат да ја порибар реката, но се’ ќе зависи од тоа колку брзо и квалитетни ќе се исчисти натрупаната јаловина, што ја најави рудникот.
Но, останува и прашањето за присуството на хемикалиите во водите кои на крај завршуваат во реката Брегалница, од каде вода за пиење употребуваат граѓани на некои општини, меѓу кои и најголемата во источна Македонија – Штип.
Јаловиштето што се излеа вчера, е четвртото и најново на рудникот Саса, ставено во функција пред само шест месеци, а за кое, до сега се потрошени над шест милиони евра. Сместено е најдолу, под веќе култивираното прво јаловиште, сега засадено со багреми. Како се случила хаварија за така кратко време, треба да покаже внатрешната истрага во рудникот.