Владината делегација предводена од премиерот Зоран Заев ќе престојува во дводневна посета на Атина и ќе разговара со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во рамки на традиционалната конференција организирана од „Економист“.
Имплементацијата на „Преспанскиот договор“ ќе биде една од главните теми кои ќе се најдат на тркалезната маса. Покрај тоа, претседателите на владите на двете соседни држави ќе се осврнат и на меѓусебните односи и европската перспектива на нашата држава.
Портпаролот на Владата на Грција, Стелиос Пецас, изјави дека било многу важно по завршувањето на парламентарните избори во Северна Македонија да се оствари една ваква средба.
-Исклучително е важна можноста одново да разговараме. Европската перспектива на регионот е приоритет. Многу проблеми можеме да решиме преку интегративните и прединтегративните поглавја што ќе се отворат и затворат, вели Пецас.
На панелот организиран од угледниот „Економист“ ќе учествува и поранешниот претседател на Република Србија, Борис Тадиќ, како и поранешната шефица на грчката дипломатија, Дора Бакојани.