Владата не го прифати предлогот на Комисијата – нема продолжено породилно отсуство, од 23 септември на работа се враќаат и хронично болните – ММС
ММС

Објавено на: 09/14/20 4:04 PM

Владата не го прифати предлогот на Комисијата – нема продолжено породилно отсуство, од 23 септември на работа се враќаат и хронично болните

 

Хронично болните лица, мајките кои биле на продолжено породилно отсуство, родителите кои останаа дома поради своите деца – сите се враќаат на работа од 23 септември. Вака одлучи владата на денешната седница.

–  Вработените лица кои се ослободени од работа врз основа на утврдената листа на хронични болести, односно, почнувајќи од 23 септември 2020 година (среда), да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи. Исклучок од ова ќе бидат само лицата (пациенти) кај кои болеста е во фаза на егзацербација (влошување) и за оние со малигна болест, за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист, врз основа на која потврда овие лица ќе користат боледување, согласно соодветниот правилник од ФЗО, се вели во владиното соопштение.

Од 23 септември на работа се враќаат и оние кои се ослободени од работа врз основа на користење на продолжено породилно отсуство, имајќи предвид дека можноста за користење на оваа мерка за продолжено породилно отсуство престанува да важи. Останатите вработени лица кои во моментот се оправдано отсутни од работа поради користење на редовно породилно отсуство, истите да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи веднаш по истекот на породилното отсуство.

– Родителите чии деца се до шестгодишна возраст, почнувајќи од 23.9.2020 година (среда), да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи, имајќи предвид дека детските градинки отпочнаа со активности за згрижување и воспитание на деца од 9.9.2020 година, односно престанува користењето на мерката на Владата по овој основ.
Родителите чии деца од шест до 10 годишна возраст се вклучени во воспитно – образовниот процес во училиште, почнувајќи од 23 септември 2020 година (среда), да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи, без разлика на начинот (со физичко присуство или од далечина) на кој детето ќе ја следи наставата во училиштето, односно престанува користењето на мерката на Владата по овој основ, се вели во владиното соопштение.

Владата го задолжи Министерството за труд и социјална политика да испрати писмено укажување до сите детски градинки да продолжат со упис и згрижување на деца, особено на оние деца чии двајца родители се во работен однос, без разлика дали работат од дома или одат на работа.