Поради хируршкиот зафат е одложено судењето „Катица Јанева против Бојан Јовановски“ и се очекува да продолжи кога тој ќе биде пуштен од болница.
Поранешната обвинителка го тужи Боки-13 за неовластено фотографирање додека се дружеле, односно за фотографиите кои при вештачењето беа пронајдени во неговиот мобилен телефон, а обвинителството ги презентираше како докази во Рекет.
– Приватната кривична тужба ја поднесовме за 22 фотографии кои се наоѓаат во телефонот на Бојан Јовановски кој што беше одземен од Јавното обвинителство во текот на постапката за „Рекет“. Не поднесовме за повеќе иако имаше повеќе фотографии и снимки – направени се на разни места претеќно во домот, но има и во канцеларија на Катица Јанева, некои се и во ресторани. Не е поентата во висината на казната, сепак се работи за нешто, ценеше и Катица Јанева, кое премногу зема замав, премногу се снима неовластено, рече адвокатот на Јанева, Дељо Кадриев.
Јанева денеска не присуствуваше во судот, а во домашен притвор од сега наместо во Скопје ќе биде во Гевгелија.
– Укинување на домашен притвор е побарано но од страна на судот беше одбиено, имаше дури и жалба од страна на ЈО, тие сметаа дека не треба повеќе да опстојува куќен притвор, бараа да биде определена мерка притвор но судот тоа не го прифати, рече Кадриев.
Ако во Рекет Јанева и Боки делеа обвинителна клупа и се осудени, таа на 7 години затвор а Боки 13 на 9 години, во овој случај, ќе седнат на спротиставени страни на 19ти септември.