„Флешинг Медоус“ вчеравечер беше сведок на феноменална и возбудлива претстава приредена од Зверев и Тим.
Во отсуство на главните тенисерски имиња, особено по контроверзната во најмала рака дисквалификација на рекетот број еден, Новак Ѓоковиќ, очекувањата за завршницата на четвриот Гренд Слем беа помали од вообичаено. Но, ако ништо друго, финалето навистина не разочара и беше достојно за финишот на US Open.
Таи-брејкот во петтиот решавачки сет му го донесе на Доминик Тим првиот освоен трофеј на овој престижен турнир и воопшто освоен „голем турнир“, а претходно во другите сетови бројките се движеа 2-6, 4-6, 6-4, 6-3.
Четири часа беа потребни за да се дознае новиот освојувач на US Open, додека публиката пред малите екрани во ниту еден момент не зажали за потрошеното време на изгледаното финале помеѓу предводниците на „новата генерација“ тенисери, веднаш по онаа на големците Ѓоковиќ, Надал и Федерер.
-Ние се запознавме во 2014 година и веднаш развивме одлично пријателство. Ривалството на терен започна во 2016 година. Заедно направивме големи работи на терен и надвор од него. Посакував да имаше двајца победници денес, двајцата заслуживме. Ќе успееш 100 отсто и ќе ги направиш родителите горди, изјави Доминик Тим по победата и го истакна пријателството со опонентот Зверев.
Следниот Гренд Слем ќе се одржи во Австралија, а официјалниот датум за започнување на „Аустралијан Опен“ допрва ќе биде дефиниран.