Комбинацијата на ментален и емоционален притисок создава чувство на стрес, а тоа пак, перцепција дека една личност треба да направи многу повеќе отколку што навистина може. Стресот е тесно поврзан со анксиозноста, депресијата и паничните напади. Како да ги разликуваме и да се справиме со нив е тема на разговорот со Розалија Секулоска, магистер по развојна психологија и советник психотерапевт.
Често се зборува за тоа дека динамичниот начин на живот во современото општество знае да биде стресно, но колку нашата реакција на стресот може да создаде посериозна штета и негативно да се одрази на менталното здравје?
Точно е дека постојат разлики во тоа како порано и како сега го живееме животот. Ако одиме уште подалеку кој знае што не’ чека за две, три децении. Колку што сакавме да си го олесниме животот со развојот на техниката и технологијата, неосетно како да го усложнивме. Можеби затоа што токму тој развој и новите, брзи случувања на глобално и на микро ниво, од човекот бараат адаптација на видозименетите околности. Под интелигентен човек се подразбира способност за адаптација на промените во средината. Некогаш имаме научени вештини и капацитети за тоа. Во случај кога немаме научени вештини, а со тоа капацитетот е помал, постојат начини за личен развој (еволуција) за да живееме во вистинска смилса на зборот, а не да се бориме со животот и со се’ она што тој носи со себе.
При нарушено ментално здравје луѓето може да имаат панични напади, да бидат анксиозни или депресивни. Како да ги препознаеме овие работи и практично, да ги разликуваме?
Понекогаш се случуваат овие невротски состојби. Можат секому да му се случат без разлика на полот, националноста, верата па може да се каже и возраста. Некогаш можат подмолно да се развиваат во пубертетот, а да се манифестираат во адолесценцијата, а понекогаш можат да се случат и во одминатите години. Чести се и случаи кога човекот може оптимално да функционира, но стрес или доживеана траума го втурнува во невроза.
Паничните напади се всушност невростка состобја која јас сакам да ја наречам „страв од страв”. Човекот се плаши дека нешто лошо ќе му се случи, пред се’ здравствено. Најцрните сценарија одат до таму дека може да доживее инфаркт, мозочен удар, да полуди и да умре. Тоа ќе се случи и нема да има кој да му помогне. Колку и да знаат дека ваквите мисли се ирационални, не можат да ги совладаат, бидејќи симптомите се присутни да ги вознемират и да ја предизвикаат паниката. Паниката трае неколку минути или секунди, а на човекот му наликува како цела вечност. Забрзаното срцебиење (тахикардија), глад за воздух, зуење во ушите, вртоглавица, трпнење на рацете и нозете, чувство дека другите ќе видат што се случува и ќе препознаат дека нешто не е во ред, стравот од паѓање и онесвестување,….го „тераат” човекот уште повеќе да ги контролира. Но, не доаѓа до сознание дека колку повеќе се обидува да ги контролира, тие него го контролираат, бидејќи е постојано на штрек и исчекување на следниот паничен напад. Сите направени медицински испитувања од крвна слика, кардио-испитувања, испитувања на хормоните и тироидеата, кои покажуваат дека е се’ во ред, тоа не му е никаков доказ ниту средство да се реши паничниот напад. Се продолжува по трагање на болест, која би била рационално објаснување на ова што се случува. Но, кога болеста не е од органска (медицинска природа), тогаш е од психолошка природа и тоа бара друг пристап и третман.
Анксиозноста е невротска состојба на постоење на „беспредметен страв”. Човекот е во исчекување дека во иднина нешто лошо, страшно ќе се случи. Но, и за ова нема објективен доказ. Така анксиозноста лебди, човекот е вознемирен, не е сконцентриран и не е во состојба да живее со полни гради. Сонот, исхраната, однесувањата се видоизменети.
Депресијата може да биде примарна (прва) или секундарна (втора) кај претходните две состојби. Тоа се поставува со диференцијална дијагноза која е мошне важна, бидејќи на психотерапевтот му дава насока од каде да почне а, понатаму како да работи. Ако е депресијата примарна, се открива проблемот (коренот) кој ја предизвикал, се работи на обжалување, преживување и надминување на фазата на жалење во која е заглавен човекот. Но, кај паничните напади и анксиозноста може да се накалеми депресијата сосема очекувано заради чувството на беспомошност, намалената самодоверба и губењето на поранешниот начин на живот. Тогаш психотерапевтот одредува до кој степен состојбата земала замав а, со тоа дали е потребно да го препрати на психијатар за да се ординираат лекарства па, потоа да продолжи со својата работа.
Колку е важна улогата на стручните лица во справувањето со ваквите ментални нарушувања и на кој начин тие им помагаат на луѓето?
Улогата на стручните лица е многу важна, потребна и е од пресудно значење. Некои состојби сами од себе не си заминуваат. Многу се лутам кога ќе слушнам дека ваквите состојби ги третираат кај бајачи, гатачи, со чаеви,…и некои други квази методи кои немаат никаква подлога. Дали заради срамот да се оди на психотерапевт е толку голем? Мислам дека свеста полека се буди, но не е доволно. Многу клиенти доаѓаат доцна, кога неврозата прогресирала, а потоа прашуваат за колку сеанси ќе се реши проблемот. Состојбата траела со години, а од психотерапевтот очекуваат на него да падне целиот товар и тој некако магично со 2-3 сеанси да ги излечи. Небулоза.
Потребно е време да се создаде релација меѓу клиентот и терапевтот. Со самата релација се создава доверба и чувство на безбедна средина. Потоа клиентот се отвара, а со тоа дава материјал за работа. И двете страни заедно се вложуваат и работат со најразни техники во зависност од насоката на специјализацијата на психотерапевтот.
Како психотерапевт сум имала многу вакви клиенти и тоа најчесто од женскиот пол. Кај сите процесот траел околу десетина сеанси со здрава работа, континуитет и задавање на домашни задачи. Но, тоа не треба да биде репер дека кај секој е исто. Сите сме различни, различно доживуваме, толкуваме, примаме, се отвараме и со различна динамика ги откриваме одговорите. Потребно е само да се дојде на вистинско место, а тоа е што порано, да се биде искрен и да се работи со психотерапевтот.
Што говори Вашето досегашно искуство – дали македонските граѓани се трпеливи и отворени да побараат решение преку посета на психолог или психотерапевт, или пак се одлучуваат за таблети и слични производи за намалување на стресот?
Ете, интуитивно погоре нешто спомнав на оваа тема. Ние сме чуден народ за многу нешта. Во однос на психолошкото (менталното) здравје постојат табуа, предрасуди, погрешни и искривени верувања. Некои луѓе се во состојба да одат и во други градови и села да го најдат препорачаниот бајач од комшијата, пријателот, слепо да го слушаат и да му веруваат, да се надеваат дека ќе ги излекува. Кога тоа нема да успеее бараат некој друг подобар бајач, гатач или не знам како да се изразам.
Психолозите и психотерапевтите се стручни лица кои имаат завршен факултет. Имаат стручни доквалификации од најмалку 4 години а, некои и повеќе за да научат и да се оспособат за работа. Некои знаат да кажат дека печалиме на туѓа мака, што исто така ме лути и навистина не можам да разберам каков е тој ментален склоп што така се брани од себе да не оди на вистинско место, па ќе почна да бара на Гугл што треба да прави, да пие чаеви, што да јаде, да не јаде, да мантра позитивни мисли, да не мисли на најлошото и кој знае уште се какви не нелогични ритуали.
Психотерапевтот е стручен во својата област онолку колку што инвестирал во себе, плус создаденото искуство и имањето на њух (интуиција) за работа. И јас во својата работа применувам релаксациони вежби, водени медитации, ….но тоа е само еден фрагмент од вежбите за смирување или откривање на нештото што е длабоко несвесно закоравено.
Во однос на лекарствата, тука сме со поделени мислења. Психотерапевтот е оној кој препишува лекарства и ја корегира терапијата преку симптоматологијата на клиентот која се одредува со чести контроли. Ние психотерапевтите во фармакоиндустријата не се мешаме. Јас сум од оние психотерапевти кои сум согласна да се внесат лекарства во зависност од состојбата на клиентот. Тогаш работам паралелно и со клиентот и со психотерапевтот. Состојбата заеднички се следи, постои комуникација се во интерес на клиентот. Навистина понекогаш е потребно умирување, за да може да се прими .
Постојат и луѓе кои на своја рака земаат билки, чаеви, лекарства, или препишаната терапија ја менуваат. Ова е огромна грешка. Ова е играње со својот живот, ставање над психотерапевтот. Но, кога пак нешто ќе се влоши, сфаќаат дека не требале да прават непромислени нешта на своја рака, туку прво да се консултираат со стручното лице.
Во четвртокот се одбележа Светскиот ден за превенција на самоубиства, а статистиките велат дека секои 40 секунди, некој си го одзема животот. Кои се генерално предупредувачките знаци што укажуваат на тоа дека некој има суицидни мисли и што можат да направат луѓето кои во своето блиско опкружување имаат ваква личност?
Многу психолошки заболувања земаат замав. Меѓу нив се и самоубиствата, односно посегнување по својот живот. Најчесто, велам најчесто пред тоа следи период на инкубација (подготовка). Болниот е во длабока депресија подолго време, пројавува намален апетит, промени во количината и квалитетот на сонот, контактите со луѓето се сведени на минимум, желбата за живот е на најниско ниво заради помислата дека не вреди, нема за кого, ниту за што да живее, хигиената се намалува, се затвара во себе и е пасивен. Токму ова се криците кои треба да се слушнат и да се повика психијатар, а потоа психотерапевт. Инетересен е податокот дека многу самоубиства биле направени во тоалетите!!! Овој феномен треба да се разгледа од многу аспекти, а засега би го оставила за друга статија.
За разлика од овие, постојат „изненадни самоубиства”, кај кои немало период на подготовка (инкубација). Со други зборови, се случува нешто стерсно, оддеднаш и човек во афект (при намалена состојба на свеста) го решава проблемот или состојбата со одземање на животот.
По повод споменатиот Светски ден, на социјалните мрежи масовно се споделуваа фотографии со порака дека насмевката понекогаш е маска зад која се крие нарушено ментално здравје. Би се согласиле ли дека тоа нема некој „унифициран“ лик и дека додека некој носи насмевка на лицето, впрочем плаче во душата?
Педесет фотографии кои покажуваат дека симптомите на депресија немаат „лик“
Пред извесно време на мојот блог имав токму таква статија „насмевката е маска за адолесцентна депресија”. Кога човекот е депресивен, а се смее има потреба да ја скрие емоционалната состојба од надворешниот свет. Има потреба да се „маскира”, да го одвлече соговорникот и светот од проблемот и верувајте дека во тоа можат да бидат многу, многу умешни. Наместо да побараат стручна помош, се борат со себе и со своите внатрешни демони, а на лицето пред јавоста „шминкаат” насмевка. Би рекла голема штета. Доколку по некоја случајност или среќа некој од околината не ги разоткрие можат да завршат фатално. Нема кој не плачел во душата или не ги криел своите солзи. Но, долгото тивко плачење понекогаш не поминува и тогаш на оној на кому му се случува или најблиските, родните, наставниците,…ако забележат треба да алармираат. Значи депресијата, и многу подмолни болести имаат многу начини како да се прикриваат и начини како различно да се манифестираат. Токму затоа се враќаме на почеток- потребно е стручно лице.
Кој друг освен стручната фела може да се вклучи во превенцијата од самоубиства? Што како општество може да направиме за поздрави мисли?
Поддршката во психолошките болести е мошне важна. Тука се родителите, браќата, сестрите, поширокото семејство, пријателите,…луѓето во кои се има доверба и со кои се создало врзување. Тие се најчесто првите кои препознаваат дека нешто се случува, а понатаму можат да бидат неприкоснована потпора за помош.
На глобално ниво можеме да направиме многу. Но, за тоа потребно е да се има слух за мислењето на стручните лица. Општественото уредување е воздухот во кој живееме, кој ни ги диктира правилата, кој не’ штити или не’ разболува. Здрав општествен систем создава здрави личности и обратно. Систем кој се грижи за единецот и колективот е оној кој инвестира во општествените структури, на видни позиции става стручни лица, ги контролира тие стручни лица, со нив се консултира при донесување на одлуки, инвестира во кадарот, ја следи технологијата и има план, визија и добро развиен примарен, секундарен и терцијален систем на профилакса.
Глобализацијата, КОВИДОТ го земаат својот данок. Според мене, очекувам понатаму да се манифестираат психолошките последици од КОВИДОТ во форма на ПТСД (пост трауматско стресно растројство). Можеби се’ уште некој се бори со анксиозноста, паничните напади, нерасположението, тагата, стравот од безработица,стравот да не заболи, а некој и од тоа што е со таа чудна вакцина која ја очекуваме…. Премногу прашања, а малку одговори.
Токму затоа топло препорачувам да се свртиме кон најмилите, кон работите кои не’ прават среќни (а со тоа се лачи ендорфин-хормонот на среќата), да го сведеме на минимум гледањето на вестите, да спортуваме, по можност надвор на отворено, да ги правиме нештата кои внесуваат радост. Да се поставиме на своето место и да се грижиме за себе и најмилите, а се’ останото што не е во наш домен да им го препуштиме на стручните лица.
„Помалку стрес, носи поголема веројатност за подолг и поздрав живот!!!“
Вања Мицевска