Војниците во скопската касарната Илинден од ноември во реновирани објекти – ММС
ММС

Објавено на: 09/12/20 9:23 AM

Војниците во скопската касарната Илинден од ноември во реновирани објекти

По пуштањето во употреба на реновираниот и модернизиран објект во касарната во Куманово, од ноември и неколку единици на Армијата во касарната „Илинден“ во Скопје ќе се селат во реновирани објекти во кругот на оваа касарна. Баталјонот за почести, популарната гарда, ренџерскиот баталјон, баталјонот за врски и третиот логистички баталјон ќе бидат сместени во две комплетно реновирани згради во касарната.

Увид во текот на реновирањето на објектите извршија министерката Радмила Шекеринска и началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски. На увидот министерката Шекеринска беше запознаена со процесот на реконструкцијата и со придружните зафати кои ќе бидат преземени со цел армиските припадници кои ќе работат во овие објекти да ги имаат сите потребни услови за функционирање. Во моментов овие два објекти се во напредна фаза на реновирање, а за неколку денови ќе започне да се реновира уште еден објект во истата касарна. Реконструкцијата опфаќа поставување на нова електрична, водоводна инсталација и инсталација за греење. Се заменуваат подовите, прозорците и вратите, се поставува нова енергетско – ефикасна фасада, се заменува кровната конструкција и се поставуваат нови тротоари околу објектите.