Најмалку 13 загинати и повеќе од 400 повредени во протести во Колумбија – ММС
ММС

Објавено на: 09/12/20 6:43 AM

Најмалку 13 загинати и повеќе од 400 повредени во протести во Колумбија

Во дводневните протести во Колумбија, кои почнаа поради смрт на маж во полициски притвор, загинаа најмалку 13 луѓе, а повеќе од 400 се повредени, соопштија синоќа властите во таа јужноамериканска земја.

Министерството за одбрана соопшти дека по смртта на Хавиер Ордонез при протестите загинале 13 луѓе, додека 210 цивили и 195 полициајци се повредени. Десетици градски автобуси се уништени и запалени, а оштетени биле и повеќе полициски станици.

Министерот Карлос Трухијо упати извинување во име на полицијата за било какви незаконски работи направени за време на притворањето на Хавиер Ордонез. Тој изјавил дека ќе има дисциплинско сослушување за да се утврди дали полициајците го сториле убиството и ја злоупотребиле положбата.

Протестите во Колумбија почнаа откако на социјалните мрежи беше споделено видео на кое е прикажано како полициски службеници повеќе пати употребуваат електрошокови врз 46-годишниот тато на две деца,Ордонез, кој подоцна почина во болница.