Пред судот во Франкфурт на почетокот на септември започна процесот против Филан М. обвинет за подготовка на напад против државата, кршење на законот за воено оружје и телесни повреди. Филан планирал самоубиствен напад, објави Дојче Веле.
Бев наивен“, беше една од ретките реченици кои Филан М. ја изусти пред судијата во Франкфурт каде е обвинет за серија сериозни кривични дела. Првото рочиште во случајот во кој е обвинет 25-годишниот Германец со македонско потекло во детали го следеше новинарот на весникот Франкфурте Рундшау.
Во ноември 2019 година, Филан М. беше уапсен од германската полиција заедно со уште двајца осомничени на 21 и 22 години од турско потекло, под сомнение за подготување на терористички напад.
Неговите потенцијални соучесници подоцна беа ослободени поради недостаток на докази, но Филан М. беше обвинет и се соочува со долгогодишна затворска казна. Обвинителството го товари дека планирал самоубиствен бомбашки напад врз еден ресторан во Заксенхаузен во близина на Франкфурт.
„Салафистот“, како што го нарекува Франкфуртер Рундшау, за таа цел набавил хидроген пероксид, ацетон, батерии и сулфурна киселина како и електронски делови за бомба. Нападот не успеал затоа што Филан М. се пофалил на социјалните мрежи пред да ја спроведе својата цел. Притоа, тој се обидувал на интернет да набави и автоматско оружје и муниција. Но и тој обид не успеал затоа што при купувањето Биткоини за кеш по очаен курс, Филан М. всушност налетал на измамничка фирма. Единственото во што успеал Филан М. е да натепа некој недолжен човек на улиците на Офенбах, како и друг затвореник во затворот каде бил притворен.
Притоа ова не е првпат Филан М. да се соочува со германскиот правосуден систем. Во 2016 година беше осуден и одлежа 2,5 годишна затворска казна поради изнуда и физички напади.
„Патот до верата“, пишува Франкфуртер Рундшау, „Филан М. го пронашол токму во затворот во Франкфурт. Преминал во Ислам и станал голем поборник на Исламската држава.
„Љубовта кон Бога останала со него и по напуштањето на затворот во април 2019, а паралелно со неа и омразата кон државата и Западот. И бил лут на државата затоа што одбила да му финансира отворање на киоск, туку го вратила назад во детската соба кај неговата мајка и очувот. Западот го замразил затоа што на Интернет постојано гледал видеа од ракетните напади на анти- ИС коалицијата врз стари луѓе и мали деца, и тоа многу го разлутило“.
Оттука си земал обврска, против овие бомбашки напади да протестира со сопствен бомбашки напад.
„Притоа, самоубиствениот напад му се чинел како најбрзо бегство од детската соба, затоа што по таквиот чин се оди директно во рајот и се исполнува обврската“.
Новинарот на Франкфуртер Рундшау наведува дека Филан М. всушност потекнува од богато семејство. Неговиот татко е сопственик на клиника, мајка му е медицинска сестра, и нему во детството ништо не му недостасувало. Но, уште на 13-годишна возраст почнал да пуши марихуана и тука започнале проблемите. Откако бил исфрлен од две гимназии, избегал и од двата интернати во кои го испратиле. Во обид да го спаси синот, неговиот татко му ја финансирал и желбата „да учи кунг-фу во Кина“, но и тој сон се распаднал по шест месеци. По враќањето успеал да заврши средно училиште, но повторно се нашол во проблеми, па мајка му го исфрлила од домот.
„Имав среќно детство. Никогаш не ме удриле. Сакав само да им покажам на моите родители дека можам сам да си го најдам патот. И дека тој пат е добар“, изјави Филан М. на претходното судење за изнуда и насилство.
Дојче Веле
Фото: Фејсбук