Ослободување од плаќање на режиските трошоци за струја и вода за невработени лица, побара денеска преку писмено соопштение Конфедерацијата на слободни синдикати. Од КСС појаснуваат дека ослободувањето се однесува на невработените кои ја изгубиле својата работа по било каков основ, технолошки вишок, отказ на работно место, непродолжување на договор на определено време, непродолжување на договор преку агенција за вработување, принудно затворен бизнис поради уредбите од страна на владата или пак работници од сивата економија, затоа што државата е сопственик на ресурсите за струја и вода.
Според синдикалците итно се потребни чекори за стабилизирање и стопирање на економската и здравствената криза. Оттука се бараат и дополнителни шест месеци мораториум на кредитите за сите работници бидејќи се’ уште не се во можност да започнат со исплаќање на ратите од своите кредити поради лошата економска состојба во која се наоѓаат.
Сакаме да потенцираме дека покрај намалените приходи на работниците, некои го изгубија работното место, на некои веќе им се заканува отказ од работното место, некои се со деца кои се дел од воспитно-образовниот процес, истите треба да изнајдат соодветни технички решенија (компјутери, лаптопи, стабилни интернет врски и др.) за да обезбедат непречено следење на образовната настава која од 1ви октомври официјално ќе започне со почетокот на учебната година, a наставата ќе се следи преку интернет – се додава во соопштението од Конфедерацијата.
Време е државата да покаже солидарност на дело – сметаат оттаму.