По денешниот протест на ВМРО-ДПМНЕ против поскапувањето на струјата, СДСМ реагира дека протестот бил „дебакл“ а Мицкоски си ја потврдил титулата губитник со што нереформираната ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажала дека знае само за деструкција.
– Денеска, на помалку од два месеци од изборите, Христијан Мицкоски доживеа уште еден пораз од граѓаните. Со денешниот дебакл од протест, Мицкоски уште еднаш ја потврди титулата губитник затоа што освен стотина негови приврзаници, сите останати му го свртеа грбот. Тоа е очекувано, затоа што Мицкоски одамна е прочитан од граѓаните. Јавноста знае дека тој освен одбрана на криминалот во неговата партија и освен личните бизнис интереси не го интересира ништо друго, се вели во соопштението од СДСМ.
Според нив, лицемерно е човекот кој бил вклучен во стопроцентно зголемување на електричната енергија, бил одговорен за укинување на евтината тарифа на струјата и човекот кој добил бизнис со хидроцентрали од владата во која бил советник, денеска да глуми загриженост за цената на струјата.
– Тоа граѓаните совршено го знаат, затоа денешниот протест најавен како протест против цената на струјата се претвори во дебакл на обидот на Мицкоски да си ја задржи фотелјата во белиот дворец.
Денеска уште еднаш се потврди дека на Мицкоски најбитно му е столчето во партијата и затоа ВМРО-ДПМНЕ продолжува со деструктивно и неодговорно однесување, на штета на граѓаните, на државата и нејзината европска иднина.Со такво однесување, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ уште долго остануваат во опозиција, велат од СДСМ.