Пеплосан мигрантски камп на Лезбос, пожарот веројатно подметнат – ММС
ММС

Објавено на: 09/9/20 12:23 PM

Пеплосан мигрантски камп на Лезбос, пожарот веројатно подметнат

Рано утрово во кампот за мигранти на грчкиот остров Лезбос избил пожар, соопштија од грчката противпожарна служба. Засега нема податоци за причинетата штета, ниту  за причината за избивањето на пожарот во кој изгорел најголем дел од кампот, многу шатори и контејнери наменети за сместување на мигрантите, пренесува „Ројтерс“.

Полицијата соопшти дека мигрантите биле пренесени на безбедно место, а во гасењето на пожарот учествувале 25 пожарникари со десетина возила. Пожарот се проширил и надвор од кампот, а ситуацијата е отежната поради тоа што меѓу мигрантите во кампот имало повеќемина позитивни на коронавирус.

Според локални медиуми, пожарот бил намерно подметнат во знак на протест откако кампот бил ставен во карантин, а при гаснењето, пожарникарите се соочиле и со отпор од мигрантите, кои одбивале да се евакуираат.

Тој мигрантски камп минатата седмица беше ставен во карантин поради појавата на еден случај на Ковид-19, а до вчера бројот на заразени мигранти пораснал на речиси 40.

Во кампот Морија на Лезбос се сместени околу 13.000 мигранти, иако капацитетот на кампот е четирипати помал.