Иран ја одби понудата на Русија за посредување меѓу Техеран и Вашингтон, исклучувајќи ја можноста за преговори со американската администрација, јавува „Анадолија“.
Во своето обраќање на прес-конференцијата во Техеран, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Саед Хатибзадех, изјави дека Иран е несигурен во врска со намерите на САД.
„Ние немаме сомнеж за намерите на нашите пријатели (во Русија)“, изјави Хатибзадех, „но она за што имаме сомнеж е намерата на САД“.
Минатата недела, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, предложи да посредува меѓу двајцата противници во услови на ескалација на тензиите, во пресрет на американскиот притисок да се вратат санкциите кон Иран.
„Доколку двете земји се заинтересирани, ние сме подготвени да одржиме преговори со двете страни за да го трасираме патот кон директни преговори“, изјави тој во Москва.
„Сметаме дека е подобро директно да се решат разликите и прашањата.“
Како одговор на руската понуда, шефот на Кабинетот на иранскиот претседател, Махмуд Ваизи, ја отфрли можноста за директни преговори со Вашингтон.
„Немаме намера да преговараме со Американците, како што веќе јасно ставивме до знаење“, изјави Ваизи, додавајќи дека многу земји се појавиле со понуда за посредување.
Тензиите меѓу Техеран и Вашингтон се зголемија во текот на изминатите месеци, при што Персискиот Залив се претвори во бојно поле.
Иран тврди дека ќе ги разгледа понудите за разговори со американската администрација доколку Вашингтон се врати на иранскиот нуклеарниот договор од 2015 година и ги укине санкциите кон Иран.
Американската Влада најави еднострано повлекување од нуклеарниот договор во мај 2018 година, проследено со враќање на санкциите.
Во текот на изминатите неколку недели, САД го зголемија темпото, барајќи враќање на сите санкции за Иран од пред 2015 година, откако Советот за безбедност на ОН одби да го продолжи ембаргото за вооружување на Техеран.