Денес се одбележуваат 29 години независност, 29 години на искушенија, подеми и падови, истакнува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во честитката по повод Денот на независноста, нагласувајќи дека и по 29 години зборуваме за истите цели како во времето кога се создавала државата – Европска Унија, силна економија, сигурност.
„Тоа покажува дека тоа се вистинските вредности кон кои се стремиме, но фактот што не сме ги исполниле досега покажува дека власта не успевала во својата мисија. Во нашата татковина не’ има секакви, од повеќе етнички припадности и вери. Но, не’ обединува заедничката мисла за подобар живот, за среќа и успешност која ја нема нашата земја. Нашата генерација е тука и чекаме нова шанса. Македонија не успева затоа што на народот му треба пресвртница која ќе ги направи заедничките животи подобри и поуспешни. Од нас зависи се’. Затоа мора заеднички да се избориме, да немаме богата влада а сиромашен народ, влада која има удобства а народ кој живее на вересија. Македонија мора да успее и има енергија за пресврт кој ќе донесе исполнување на нашите идеали. Идеалите го дефинираат нашето постоење, а Македонија мора да успее и нема опција за друго. Мафија или Македонија. Да веруваме во себе, да веруваме во Македонија. Честит празник на татковината, да ни е жива и долговечна европска Македонија. Да се избориме за заедничката среќа“, истакнува Мицкоски.