Кочани го одбележува Денот на ослободувањето, почнува и 57. Драмски аматерски фестивал – ММС
ММС

Објавено на: 09/7/20 10:39 AM

Кочани го одбележува Денот на ослободувањето, почнува и 57. Драмски аматерски фестивал

Со полагање свежо цвеќе на Споменикот на слободата и на спомен-бистите на Љупчо Сантов и Раде Кратовче во Паркот на Револуцијата, започна одбележувањето на 76-годишнината од ослободувањето на Кочани.

По повод празникот на Кочани, вечерва, во 19 часот, на Споменикот на слободата, Советот на Општина Кочани ќе ја одржи свечената седница на која, на овогодишните добитници – Наталија Теодосиева и Васил Ангелов, ќе им бидат доделени највисоките општински награди – за значајни оствaрувања и за животно дело.

Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, во празничното обраќање пред присутните ќе направи пресек на реализираните проекти во периодот меѓу двата празника.

На седницата ќе им бидат врачени благодарници за поддршка во реализацијата на проекти во Кочани, а учениците на генерацијата ќе ги примаат традиционалните награди од градоначалникот.

По завршувањето на  свечената седница, со монодрамата „Лидија, или сѐ што знам за жените“ на Тихомир Јанчовски, ќе започне 57. Драмски аматерски фестивал, чии содржини ќе бидат распоредени до средината на октомври.